Македонија
30. October 2019 - 17:02

Собранието ќе се распушти на 11 февруари

11 февруари ќе биде последен работен ден за актуелниот пратенички состав доколку се испочитува лидерскиот договор за избори на 12 април. Џафери вели дека по распуштањето, веднаш ќе ги распише изборите во договорениот термин. Тој на брифинг со новинарите утрово потенцираше рокот од 60 дена од распуштањето на Собранието до одржувањето на изборите мора да се испочитува, а доколку протоколот за членството во НАТО дојде во Собранието по 11 февруари, неговата ратификација ќе остане обврска за новиот пратенички состав.

Ваквиот став на Џафери е спротивен на очекувањата на премиерот дека Собранието може да се распушти 15 дена подоцна. 

Одложување на терминот за избори не е опција за опозицијата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека за нив е прифатливо, доколку протоколот доцни, распуштеното Собрание повторно да се собере.

Но Џафери им порачува на лидерите да не очекуваат дека повторно ќе го свика веќе распуштеното Собрание доколку за тоа нема одлука од Уставниот суд.

Предлозите за составот на техничката влада, Собранието ги очекува пред 31 декември за да може на 3 јануари, премиерот да си поднесе оставка а Собранието да ја избере новата Влада, согласно пржинскиот модел.