Македонија
6. July 2016 - 14:18

Собранието ја усвои Завршната сметка на Буџетот за 2015 година

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 108.та седница ја усвои Завршната сметка  на Буџетот на Република Македонија за 2015 година.

Според министерот за финансии Кирил Миноски, податоците од завршната сметка покажуваат дека фискалните политики предвидени за 2015 година се остварени и оти се надминати некои параметри. Остварен е, како што рече, раст повисок од предвидениот, извозот бележи раст во однос на увозот, а стапката на невработеност е намалена на најниско ниво досега од 24,6 проценти.

Реалниот раст на БДП во 2015 година, посочи министерот, изнесува 3,7 проценти, како резултат на растот на извозот и потрошувачка, како и на фискалниот стимул преку буџетските расходи за инфраструктурни проекти, што резултирше со висок раст на градежната активност. Позитивен придонес врз економскиот раст имале и услужната дејност и индустриското производство. Проекцијата за реален раст на БДП во 2015 година изнесуваше 3,5 процент, а отстапувањето е главно последица на повисоката стапка на раст на градежништвото од проектираната. Просечната стапка на инфлација во 2015 година изнесуваше 0,3 проценти, покажува завршната сметка.

Невработеноста е намалена на најниско ниво досега, според Миновски, како резултат на инвестициите на странските инвеститори во слободните економски зони, владините активни мерки за вработување и проектот „Македонија вработува“.

Надворешно-трговската размена во 2015 година е зголемена за 6,7 проценти, како резултат на растот на извозот на стоки од 8,8 проценти и на увозот на стоки од 5,3 проценти на номинална основа.

- Фискалната политика, како еден од клучните приоритет во 2015 година се реализираше во рамки на планираните износи со Буџетот, односно реализацијата на приходите беше во согласност со очекувањата, додека расходите се извршуваа редовно и навремено. Имајќи ги предвид остварените макроекономски и фискални таргети, Република Македонија одржа стабилна фискална позиција, рече министерот Миноски. 

Вкупните приходи на Буџетот се реализирале во износ од 161.172 милиони денари и се наменија за финансирање на расходите реализирани од 180.632 милиони денари. Остварувањето на приходите и расходите, според завршната сметка, резултирале со дефицит на Буџетот на РМ од 19.460 милиони денари, кој бележи помала реализација во однос на планираниот за 679 милиони денари и е на ниво од 3,5 проценти од БДП.

Вкупните приходи на Буџетот, како што рече Миновски, лани се реализирале на ниво од 96,6 проценти во однос на планираните. Толкав процент на реализација во однос на планираните средства има и кај  вкупните буџетски расходи кои се со износ од 180.632 милиони денари.

Капиталните расходи, посочи министерот за финансии, се реализирани во износ од 18.667 милиони денари и бележат пораст за шест проценти во однос на 2014 година.

- Во текот на минатата година јавните финансии обезбедија навремена исплата на законските остварени права, без да се загрози фискалната одржливост на земјата, со едновремено реализирање на ефикасна и економична јавна потрошувачка, кои придонесоа за одржување на макроекономската стабилност и остварување на позитивни стапки на економски раст, рече министерот за финансии.

Државниот долг, оцени ресорниот министер, беше на умерено ниво и изнесуваше 38 проценти од БДП. - Како резултат на внимателната и успешната фискална политика во изминатите години Република Македонија и понатаму останува умерено задолжена земја со државен долг на крајот од 2015 година во износ од 38 проценти од БДП кој е понизок од пропишаниот со Мастришкиот критериум со кој државниот долг не смее да надмине 60 проценти од БДП. Во контекст на ова говори и фактот што само четири држави во Европската унија, на крајот на 2015 година имаат понизок државен долг од Република Македонија, рече Миновски.

Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, завршната сметка на Буџетот е потврда за успешните економски политики на Владата минатата година, но, според нив,  политичката криза од опозицијата ќе се одрази на планираните параметри за годинава.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓи Коџобашиев потенцира дека во 2015 година дошле до израз успешните макроекономски и фискални политики на Владата, со огле дна тоа дека биле постигнати историски најниски стапки на невработеност, продолжил трендот на раст на економијата, на намалување на невработеноста, на зголемување на странските директни инвестиции...

- Македонија и натаму останува ниско доумерено задолжена земја, задржана е монетарната стабилност и стабилниот девизен курс, со зголемени девизни резерви, со најниски даноци, посочи Коџобашиев.

Неговиот сопартиец Крсто Муковски упати забелешка за отсуството на опозицијата од расправата, потенцирајќи дека завршната сметка за 2015 година  е добар урнек, кој, како што рече, економистите на СДСМ треба добро го простудираат за да видат како успешно се спроведуваат економски политики во една држава.

- За жал, со ова што го прават денеска и продолжуваат да го прават влијаат на стандардот  на граѓаните, на растот на БДП,  за кој што од утре ќе зборуваме и ќе биде намален од предвидениот.  Сето тоа е по исклучителна вина на СДСМ, свесно одат да и наштетат на економијата и не бираат ниту средства ниту методи на кој начин да дојдат на власт, рече Муковски.

Пратениците ја почнаа и расправата за предложените измени на Законот за органско земјоделско производство, која треба да ја  продолжат по редовната пауза. 

Според ресорниот заменик министер Ванчо Костадиновски, измените се генерално во насока на усогласување на нашата регулатива со постојните директиви на ЕУ за органското земјоделство. Државниот инспекторат за земјоделство ќе биде надлежен за примарното органско производство, семето и садниот материјал, а под АХВ ќе бидат преработките на примараните органски производи.

Пред расправата за завршната сметка Собранието донесе одлука за избор на Музафер Бислими, историчар, вработен во Институтот за национална историја, за член на Советот на научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република“ на местото на Харун Ибрауими, заменик-директор на МРТ. Со одлука на парламентарното мнозинство  се разрешени Весна Стоименовска од функцијата заменик-генерален секретар на Собранието на Република Македонија и Зоран Василевски од функцијата  член на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.