Македонија
23. July 2016 - 8:51

Собранието ги усвои измените на Изборниот законик

Собранието на Република Македонија доцна вечерва во рамки на 112. седница со 92 гласа „за“, три  „против“ и еден „воздржан“ го донесе Предлог законот за дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка, поднесен од пратениците: Илија Димовски, Горан Сугарески, Артан Груби и Имер Алиу.

Измените во Изборниот законик беа дел од најновиот договор меѓу четирите партии, со цел излез од политичката криза, а со нив се предвидува ДИК да може да ги брише од избирачкиот список 39.502-та гласачи, кои се сметаат за спорни, доколку не се пријават во предвидениот рок. Во посебен член е наведено дека 171.500 лица се сметаат за граѓани кои се на привремена работа или привремен престој во странство и тие  се запишуваат во посебен извод на избирачкиот список. Се предвидува новата влада, која треба да ги спроведе изборите согласно договорот од Пржино, да биде изгласана во Собранието 100 дена пред денот на изборите. 

Веднаш по утврдувањето на потребата од носење на Предлог законот координаторот на пратеничката група на ДУИ Талат Џафери побара да се повлече од дневниот ред  бидејќи, како што рече, некои членови не кореспондираат со предлогот во техничка смисла. За неговиот предлог гласаа 15 пратеници, а 76 беа против. 

По гласањето претседателот на Собранието Трајко Вељаноски даде пауза до 22 часот за предлогот да го разгледаат Комисијата за политички сиситем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија.

На Комисијата за политички систем и однос меѓу заедниците се разви дебата во која пратениците од ДУИ бараа измени на предлогот и предлагаа амандмани со кои целосно се брише договореното од пред два дена, а пратенците од ДПА ја напуштија седницата.

Непосредно пред полноќ кога започна собраниската расправа по предлогот нзависната пратеничка Солза Грчева обвини дека продолжува фарсата за Пржинскиот договор и додаде дека во последен момент се направени само мали козметички измени и праша зошто е потребна активна регистрација на спорните 39.502 гласачи.

Рафиз Алити од ДУИ, пак, посочи дека предложениот избирачки список има, како што рече, задни политички цели и тоа партиски и етнички и додаде дека илјадници Албанци кои живеат во Македонија не можат да добијат државјанство. Посочи дека е нормално да се очекува да има реакциии доколку се ускратува основното право на граѓаните и се бара од нив да се пријават во ДИК.

Во реплика Павле Трајанов од ДС рече дека не се согласува дека има етнички предзнак предлогот, но додаде дека, исто така, не се согласува да гласа за избирачки список во кој има 1,8 милиони гласачи и додаде дека во Македонија најмногу може да има 1,5 милиони гласачи. Нагласи дека избирачкиот список не е пречистен во изминатите 20-тина години.

Рокот за донесување на измените на Изборниот законик, согласно завчера договореното, истекуваше денеска на полноќ.