Свет
25. August 2016 - 17:46

Соботка: Во однос на миграциските квоти имаме различни ставови со германската канцеларка

Односите меѓу Чешка и Германија се блиски, со интензитет за постојано подобрување. Различните ставови по некои прашања не значи дека нема заедно да комуницираме. Ова го изјави чешкиот премиер Бохуслав Соботка на прес-конференцијата со германската канцеларка Ангела Меркел која денеска е во посета на Прага, јави дописникот на МИА.

Меркел оцени дека по разговорите со нејзиниот чешки колега, во областа на прашањето за миграцијата постојат повеќе точки каде двете земји се согласуваат, споменувајќи ја како пример заштитата на надворешните граници или борбата против причините за миграцијата.

Соботка дополни дека Чешка не сака безбедносните мерки да ги основа на задолжителните квоти за примање на бегалци од страна на земјите-членки на ЕУ и потврди дека со Меркел го разгледале неговиот предлог за заедничка Армија на европските земји.

Според изјавата на Меркел, различните мислења во однос на квотите не и пречат и за неа е важно за проблемот да се зборува.

За состојбата во Украина, Меркел изјави дека Германија и Франција се трудат да се реализира договорот од Минск и ситуацијата во таа земја според неа не се подобрува туку се влошува.

Двајцата политичари не разговарале за укинување на санкциите на ЕУ за Русија, кое го бара претседателот на Чешка Милош Земан, со кого денеска германската канцеларка исто така ќе се сретне.

Како што најави претходно Земан, централни теми на средбата со Меркел ќе бидат насоката на ЕУ по брегзитот, како и миграцијата.

Ставот на Земан по однос на мигрантите е дека ,,примањето на муслимански бегалци го зголемува ризикот од тероризам".

Пред чешката Влада се собраа поддржувачи на политиката на германската Влада, како и демонстранти кои носеа транспаренти против мигрантите и со прецртани знамиња на Унијата.

Меркел во Чешка доаѓа за прв пат по нејзиниот повторен озбор на функцијата во декември 2013 година. Претходно ја посети Чешка два пати во 2005 и 2012 година.