Бизнис
12. March 2019 - 19:32

Со загуба од 1,6 милиони евра МЖ инфраструктура го заврши последниот квартал лани

Македонски Железници Инфраструктура го заврши последниот квартал лани со загуба од 1,6 милиони евра. И покрај тоа што приходите во однос на истиот период лани се зголемиле за 8%, сепак резултатот од работењето на државната компанија е негативен. Потфрлање има како во патничкиот, така и во товарниот железнички сообраќај.

Во последното тримесечје лани, споредено со истиот период претходната година, патничкиот сообраќај се намалил за 22%, а товарниот за 8%.

“Ова намалување се должи на тоа што во четвртиот квартал има прекин на сообраќајот поради деформација на бетонски мост на пругата помеѓу станица Градско и станица Кукуричани во период од 29.09.2018 година до 08.11.2018 година и откажување на возовите 334/335 на релација Белград-Скопје-Гевгелија и обратно од 19.09.2018 година”, се вели во извештајот на МЖ Инфраструктура.

Токму проблемот со мостот и времениот прекин на железницата предизвика загуби и кај бизнис секторот. Особено се пожалија компаниите од металуршката индустрија бидејќи тие немале друга алтернатива за превоз на производите до и од Солунското пристаниште.

Инфраструктура е носител на проектот за изградба на пругата Куманово-Бељаковци. Компанијата неодамна објави оглас за 25 вработувања, а во годинешниот буџет на компанијата предвидени се пари за уште 45 нови лица.

Инаку, МЖ Инфраструктура е една од компаниите поголеми должници на државата според листата на Министерството за финансии.