Македонија
28. November 2021 - 8:26

Со нова мерка финансиски ќе се стимулираат матичните лекари кои ќе мотивираат над 70 отсто од нивните пациенти да се вакцинираат

Финансиска стимулација за матичните лекари ако над 70 отсто од нивните пациенти се вакцинираат, се предвидува со една од новите мерки која во вторник ќе и биде предложена на Владата, а која вчера ја најави министерот за здравство Венко Филипче. Тој посочи дека утре состанок ќе одржи Комисијата за заразни болести.

– Истражувавме и изминативе два-три дена и ќе предложиме една нова мерка до Владата, а тоа е посебна стимулација за матичните лекари. Односно, матичните лекари да бидат финансиски стимулирани кога ќе надминат 70 проценти на вакцинација од вкупниот број на прикрепени пациенти да бидат наградени со 30 денари по пациент од вкупниот број пациенти кои се запишани кај нив. Има уште некои аспекти кои тука треба да се разгледаат, но мислам дека тоа е предлогот со кој ќе настапиме во вторник пред Влада, истакна Филипче.

Посочи дека за претходните мерки дискутирале на седницата на Владата.

– Свесен сум дека овие се едни од најтешките мерки поради што допираат во една сфера во која досега не сме имале мерки, а тоа се работните односи, работното место, меѓутоа заклучивме дека треба дополнително да истражиме и да видиме дали ќе има некои слични мерки кои нема да бидат толку сериозни, да загрозуваат нечие работно место а од друга страна ќе бидат стимулација за вакцинација и во таа смисла работевме интензивно, рече Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по изјавата пред Ургентниот клинички центар.

Во врска со вакцинацијата во земјата, во текот на завчерашниот ден, како што соопшти Министерството за здравство, аплицирани се вкупно 4.434 дози вакцини, од кои 1.268 се аплицирани како прва доза, 1.021 се ревакцинирани, а 2.145 граѓани примиле трета доза вакцина. Заклучно со 26 ноември вкупно се вакцинирани 828.770 граѓани, ревакцинирани се 794.666 а трета доза примиле 70.937 граѓани.

Педесет и седум отсто од граѓаните над 40 – годишна возраст, како што се посочува, се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 58 отсто, а со две дози опфатени се 47 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 39 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 38 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина, информираат од Министерството.

– Во однос на новиот сој на Ковид-19 сега е се уште рано да се каже точно, станува збор за нова мутација на вирусот „Омикрон“ која има бројни мутации посебно во делот на спајкот и сега тука е сомнежот дека можно е да е потрансмисибилен отколку сите досегашни мутации. Меѓутоа, ние имавме и многу други мутации кои не се проширија досега. Имаше и други сценарија – делта сојот кој навистина секаде се прошири. Ќе ги разгледуваме сите овие работи во понеделник на состанок на Комисијата за заразни болести, најави Филипче.

Новиот сој на коронавирус, наречен „Омикрон“, првпат е идентификуван од јужноафрикански научници, но не е сигурно дека првпат се појавил во Јужна Африка. Засега е регистриран во Белгија, Боцвана, Хонг Конг и Израел. Тој засега не е евидентиран во САД, објавија американските Центри за превенција и контрола на болести (ЦДЦ). Се верува дека „Омикрон“, претходно познат како Б.1.1.529, е многу позаразен од другите варијанти на коронавирус. Светската здравствена организација го класифицираше како загрижувачки и високо пренослив.

Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, за изминати 24 часа, при 3447 тестирања регистрирани се 436 нови случаи на Ковид-19, 15 лица починати и 336 оздравени.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 214.676, бројот на оздравени пациенти е 198.755, на починати е 7.528, а на активни случаи изнесува 8.393 од кои најголем број 3902 се во Скопје.