Loading Video...
Ракомет
7. November 2019 - 13:44

Со многу „главоболки“ Вардар го пречекува Килце

Со проблеми околу повредените играчи, и неизвесност за нивниот настап европскиот првак Вардар го очекува дуелот со Килце во ракометната Лига на шампиони. 
 
Во ситуација кога повеќе екипи се борат за највисок пласман во групата, екипата на Вардар го пречекува полскиот Килце во дербито од 7.коло на Б групата. 
 
Секој дуел досега меѓу овие два тима носеше голем интензитет, борба и резултатска неизвесност, па затоа од таборот на црвено-црните не очекуваат ни саботниот меч да биде поинаков. 
 
Но, тренерот на вардарци Кокшаров има бројни маки со повредените, па ситуацијата околу составот со кој ќе настапи Вардар ќе биде позната утре. 
 
„Во групата сите се блиску, секоја победа те исфрла напред, секој пораз те фрла назад. Ќе направиме се за да оствариме триумф. Ситуацијата не е лесна за нас, имаме многу повредени ракометари, моментно и не знаеме со кого располагаме, но ќе се обидеме да победиме. Кои ракометари ќе бидат на располагање ќе знаеме утре“, истакна  Кокшаров.
 
Во пресрет на оваа рунда Вардар со 8 бодови или 3 помалку од лидерот Кил, е на 2,место на табелата, пред Килце и Монпелје кои имаат по 7, односно Веспрем и Порто со 6. 
 
Мечот меѓу Вардар и Килце кој ќе се игра во сабота во СЦ „Јане Сандански“ ќе започне до 17 часот и 30 минути. Истиот ден, два часа подоцна (19:30) Еурофарм Работник на гости во Португалија ќе го игра мечот против Спортинг.