Македонија
2. April 2017 - 17:28

Со „Манифест за единствена Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ повикува на обединување

Со повик за национално обединување на сите граѓани, верски организации, политички партии и сите останати чинители ВМРО-ДПМНЕ го промовираше Манифестот за единствена Република Македонија. Од партијата велат дека станува збор за отворен документ кој Македонија ќе ја претстави како единствена матична земја на Македонците каде обединети живеат со сите граѓани кои се дел од другите народи и кој им припаѓа на сите без разлика на верски, националните и другите различности. Визијата на Манифестот е заеднички живот на сите балкански народи во обединета Европа и одржување на врските со дијаспората како нераскинлив дел од Македонија. Според Манифестот, владеењето на правото е основен предуслов за успех на државата, а пазарната економија клуч за забрзан развој.

Манифестот предвидува негување на добрососедските односи, непроменливост на границите и гради иднина врз основа на почитување на човековите права.

Клучен принцип во Манифестот за Единствена Македонија е обединување на општеството околу највисоките државни интереси. Според ВМРО-ДПМНЕ за тоа е потребно да се воспостави принцип на дијалог меѓу власта и опозицијата за најважните национални прашања во рамките на институциите. Манифестот бара единство на општествените чинители околу зачувување и промоција на националниот и културниот идентитет на Македонците како и зачувување и промоција на посебностите на сите останати народи кои живеат во Македонија.

Попоски вели дека за да се надмине спорот со името кој е пречка на патот кон евроатланските структури Манифестот предвидува почитување на пристапниот процес врз база на стекнатото право на Европската Унија вклучувајќи ја и пресудата на меѓународниот суд во Хаг. Според Манифестот, Македонија нема да прифати промена на Уставот со цел промена на Уставното име, а било кое решение би морале да помине на референдум.

Вториот принцип на Манифестот е интеграција во едно општество  според кој, Македонија им припаѓа на сите граѓани а нивна интеграција овозможува македонскиот јазик

Попоски вели дека Македонскиот народ не може да биде надгласуван за прашања поврзани со неговиот идентитет и дека ниту една заедница не смее да биде надгласувана во врска со теми поврзани со правото на самоидентификување. Тој додава дека Манифестот ќе го гарантира правото на образование на мајчин јазик, верска толеранција и почитување на традиционалните белези.

Манифестот бара договор околу општествените фактори и околу принципот на владеење на правото, а за напредок на државата предвидува измени во изборниот модел и итно спроведување на попис.

Петтиот принцип во Манифестот предвидува договор околу целите за пазарна економија и подобар стандард за секој граѓанин, што подразбира над партиско обединување околу заложбите за отворање на нови работни места и поттикнување на креативните претприемачки идеи.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Манифестот не е ексклузивност на нивната партија и дека станува за документ кој е отворен за предлози од сите општествени структури се со цел да се најдат најдобрите решенија за просперитет на Република Македонија.