Македонија
25. August 2019 - 16:45

Со лажна диплома за средно завршил факултет и 16 години работел во МВР

Со лажна диплома за завршено средно образование полициски службеник 16 години работел во МВР и напредувал во позициите.

38 -годишникот од Асамати, ресенско, доби кривична пријава од Секторот за внатрешни работи Охрид за фалсификување исправа.

Полицаецот набавил лажна диплома за положен завршен испит во гимназијата „Здравко Чочковски“ во Дебар. Во дипломата биле внесени лажни податоци за бројот на главна книга, печат на дипломата, лажен потпис од директорот и лажни податоци за положени предмети и постигнат успех.

Осомничениот во периодот од 2000 до 2002 година набавил фалсификувана диплома која ја приложил на конкурс за полицаец во МВР во 2002 година. Откако бил примен на работа во МВР напредувал врз основа на таа фалсификувана диплома. Последната позиција до која стигнал во МВР е раководител на смена во полициската станица за граничен надзор Стење, вели портпаролот на МВР, Тони Анѓеловски.

За апсурдот да биде поголем, со лажната диплома се запишал на два факултети. Едниот во Битола, другиот во Скопје. Во Скопје експресно дипломирал за само две години.

На тој начин, полицаецот цели 16 години земал плата од МВР со што нанел штета на буџетот на Министерството.