Македонија
22. јуни 2017 - 10:49

Со концерт на Текбилек отворено годинешното Скопско лето

Со настапот на Омер Фарук Текбилек (САД/Турција) и неговиот ансамбл во Македонска опера и балет, синоќа почна годинешново Скопско лето, меѓународната културна манифестација, што традиционалано почнува на првиот ден на летото, но и на Светскиот ден на музиката.

На свеченото отворање на 38 издание на овој фестивал,  присуствуваше и  градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој официјално го прогласи за отворен. 

- Со препознатлив ентузијам и посветеност, пред 38 години, на 21 јуни – календарскиот почеток на летото и Светскиот ден на музиката, Дирекцијата за култура и уметност ја започна долгата историја на Скопско лето. Веројатно неочекувајќи дека овој фестивал, и покрај упорноста, ќе прерасне во културно обележје и симбол на уметничкиот живот во нашиот град, ентузијастите на Дирекцијата ни докажуваат дека за уметноста не постои ни време ни простор како ограничувачки фактор, рече Трајановски.

Додаде дека во изминативе години, преку внимателно избрана програма на Скопско лето, настапија голем број изведувачи и ансамбли, понудувајќи и ја на љубителите на уметноста својата изведбена енергија во различни жанрови и уметнички правци во областа на музиката, театарот, филмот, литературата, ликовните уметности, како и мултимедијалните перформанси што им даваат духовна содржина на отворените градски простори коишто вообичаено се користат за секојдневните потреби на граѓаните, како и простори наменети за настани од областа на културата што во летниот период се незначително искористени.

- Постоењето на фестивалот Скопско лето е важно затоа што во текот на 40 дена, во веројатно најтоплиот период од годината, успева да го привлече вниманието на публиката што е гладна за уметнички настани, да задржи во градот значителна група скопјани, како и да го привлече вниманието на странските посетители, на градски локации со специфична историска и естетска вредност: од Матка до Марков манастир, од Старата скопска чаршија до падините на Водно, како и на веќе познатите простори за уметничка интерпретација, потенцира градоначалникот на Град Скопје.

Програмите на годинешното издание на Скопско лето ќе се реализираат на 18 локации и простори во Скопје, како што се театри, ликовни галерии, музеи, Старата скопска чаршија, Сули ан, централното градско подрачје...

Отворањето на Скопско лето 2017 го означија уште два културени настани, концертот „Летни ноти“ на Градскиот дувачки оркестар под диригентската палка на Хусеин Еминовиќ на улица „Македонија“, каде, исто така, беше поставена и инсталацијата „Think freedom - Мисли слободно“ на Едина Селесковиќ – Бoсна и Херцеговина.

Под покровителство на Градот Скопје и Министерството за култура на Република Македонија, годинешново Скопско лето ќе понуди 40 пријатни летни вечери исполнети со уметност од околу 900 учесници во 52 програмски термини, исполнети со концерти на класична, народна и џез музика, драмски, балетски и оперски претстави, изложби и филмски проекции, специјални проекти и премиери, содржини презентирани од домашни и изведувачи од 16 држави во светот.