Македонија
9. September 2020 - 19:38

Со камери на полициските униформи ќе се спречи кинењето казни

Кинењето на сообраќајните казни од несовесните полицајци оди во историјата. Прекршителите во сообраќајот ќе ги ловат камери, по што следува автоматско казнување. По примерот на полициите низ светот, камери ќе бидат поставени и на телата на сообраќајните полицајци.

Новиот концепт ќе донесе поголема сигурност во сообраќајот, тврди министерот Спасовски.

„Да инсталираме модерна технологија, да инсталираме камери кои пректично ќе бидат тие што ќе укажуваат на неправилностите во сообраќајот. Да имаме еден затворен систем во кој човечкиот фактор нема да има влијание. Сообраќајната полиција во Скопје и во Тетово ќе почне со користење на боди камери на секој еден полицаец и на тој начин ќе имаме еден поинаков пристап”.

Ваков проект беше најавуван и од минатата власт, но Спасовски тврди дека тој немал намена да го контролира сообраќајот.

„Тој е поставен за сосема други потреби, поставен е во времето на режимот, поставен е да го користи УБК во тој период”.

Новиот проект за безбедноста во сообраќајот е во фаза на подготовка. Работни групи ќе работат на новиот предлог закон, а она на што треба да внимаваат е да не биде нарушена заштитата на личните податоци.

Спасовски тврди дека ќе бидат донесени сите законски измени, со цел функционална и легална употреба на камерите, а секое законско решение што значи заштита на личните податоци ќе биде испочитувано до максимум.