Македонија
5. October 2015 - 15:00

Со холандски искуства ќе се подобрува Скопскиот плански регион

Општините од Скопскиот плански регион ќе можат да црпат искуства во областа на регионалниот развој и управувањето со отпадот од регионот  „Gooi en Vechtstreek“ од Кралството Холандија, еден од првите пет најразвиени региони во Европа, што го сочинуваат девет општини со вкупно 250.000 жители, лоцорани во централна Холандија во непосредна близина на градовите Амстердам, Утрехт, Амерстфорт и Алмере.

Тоа го овозможува денеска потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу Скопски плански регион и регионот „Gooi en Vechtstreek“ кој предвидува соработка во областа на регионалниот развој,  животната средина и одржливост, циркуларната економија и управување со отпад, туризам, култура, планирање, јавно здравство, едукација, домување,...

- Потпишувањето на меморандумот ќе ги отвори вратите за понатамошната комуникација и пренесување на одредени значајни искуства за подобрување на вкупната состојба во општините од Скопскиот плански регион. Соработката се однесува на повеќе области кои се битни за подобрување на значајни области во сите 18 општини и се надевам дека ќе даде импулс за побрза комуникација и црпење на одредени искуства меѓу двата региона,  изјави Сокол Митровски, претседателот на Советот за развој на Скопскиот плански регион и градоначалник на општина Ѓорче Петров по потпишувањето на Меморандумот. 

Тој посочи дека Кралството Холандија во изминатите години е најголем донатор за подобрување и елиминирање на негативните состојби  во комуналната сфера во Македонија и додаде оти се надева дека поддршката ќе продожи и во иднина.

Градоначалникот на Хуиз, Фонс Хертог посочи дека управувањето со отпадот е една од врвните приоритети не само на регионот на  „Gooi en Vechtstreek“, туку и  на Скопскиот плански регион.

- Можеме меѓусебно да размениме знаења на оваа тема и едни од други да научиме доста. Утрово нашата делегација ја посети депонијата „Дрисла“ за да се запознаеме како работи и бевме прилично импресионирани од начинот  на кој се менаџира отпадот таму, рече Хертог.

Тој посочи дека потпишувањето на Меморандумот претставува голем чекор, како за подобрувањето на соработката меѓу двата региона, така и за подобра соработката меѓу државите.

Холандскиот амбасадор во Македонија, Вутер Пломп порача дека неговата земја долго време е вклучена во активностите за развој на Скопскиот плански регион и оти има долга традиција во децентрализацијата.

- Регионите се движечката сила за економски раст, а нивното групирање го движи растот. Силните региони привлекуваат странски компании, создаваат нови работни места и ја подобруваат општата благосостојба на граѓаните. Сигурен сум дека потпишувањето на меморандумот ќе овозможи подобра и поблиска соработка во иднина и разменување и учење искуства едни од други, посочи Пломп.

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски рече дека очекува во наредниот период да произлезат конкретни активности од потпишаниот меморандум за соработка.

-  Од Меморандумот очекуваме продлабочување на соработката, покооперативна релација со холандските колеги и конкретни резултати, потенцира Темелковски.

Регионот  „Gooi en Vechtstreek“ го сочинуваат општините Бларикум, Бусум, Хилверсум, Хуизен, Ларен, Муиден, Наарден, Веесп  и Вијдемерен кои соработуваат во областа на управувањето со отпад, инфраструктура, сообраќај, домување, заштита на културното наследство, економски прашања и здравството. Една од главните аспирации  на регионот е зголемувањето на одржливиот развој и намалувањето на загадувањето на животната средина.