Македонија
31. May 2017 - 13:46

Со „Аида“ вечер ќе бидат затворени 45. Мајски оперски вечери

Со Вердиевата „Аида“ вечер во Македонската опера и балет ќе бидат затворени 45. Мајски оперски вечери. Оваа година во „Аида“ ќе настапат солисти  од Турската државна опера од Истанбул. Режисер е Дејан Прошев, а  диригент Вања Николовски-Ѓумар. 

Насловната улога ќе ја игра Дениз Јетим, а во екипата се и: Ајше Озкан (Амнерис), Ефе Кислали (Радамес), Тунџај Куртоглу (Рамфис), Џенгиз Сајин (Амонасро), Драгољуб Бајиќ од Србија (Фараон), Надежда Рубен (Главна свештеничка), Марјан Николовски (Гласник). 

Ќе настапат оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл на Македонска опера и балет. Сценографијата е на Зоран Костовски, костимограф е Елена Дончева, кореограф - Снежана Филиповска. 

Раководителот на маркетинг Горан Цветковиќ на денешната прес-конференција истакна дека годинава одбележуваат два јубилеи - 70 години од основањето на МОБ и 45 години Мајски оперски вечери. Додаде дека во изминатиот период се труделе да направат што побогата и поквалитетна програма.

Упати благодарност до Министерството за култура за поддршката на програмата и до актуелниот директор Игор Дурловски кој, како што рече, ни даде сила, а целото искуство кое го имаше стекнато во странство ни го пренесе и ни даде мотивација да ја направиме оваа куќа грандиозна. - Негова беше идејата да ја вратиме најмалата публика, да го формираме детскиот викенд и тоа даде сериозни резултати, рече Цветковиќ. 

Уметничкиот раководител на операта Сони Петровски нагласи дека вечер публиката ќе има можност да ги види едни од најистакнатите турски солисти, како и нашиот композитор и диригент Вања Николовски-Ѓумар кој живее и работи во САД. 

Тој информира дека по Мајските оперски вечери ќе имаат пауза од десетина дена, а на 12 јуни ќе имаат концерт во чест на професорот Коста Трпков во соработка со студентите од државните универзитети од Македонија и со студенти од Ниш. На 24 јуни МОБ ќе учествува на Скопско лето со едно од најпознатите дела на Моцарт, „Реквием“ каде како солисти ќе настапат Ана Дурловски, Благој Нацоски, Владимир Саздов... Со мјузиклот „Тајно моја“ ќе гостуваат на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. 

Уметничкиот раководител на балетот Олга Панго нагласи дека „Аида“ ќе биде на едно завидно ниво со гостите од Турција. Балетот на 13 јуни ќе ја изведе претставата „Црвена соба“, а на 30 јуни на Скопско лето ќе имаат премиера на претставата со работен наслов „Ла ла“ во кореографија на Саша Евтимова, а на музика на Драган Ѓаконовски - Шпато и со една нумера од Дуке Бојаџиев. Таа ќе биде изведена пред платото на МОБ. Балетот со „Дон Кихот“ на 5 јули ќе гостува во Пловдив, а на 14 јули со „Ла ла“ на Охридско лето. На 19 јули ќе бидат дел од Сплитско лето со „Црвената соба“. 

Директорот на истанбулската опера Суат Арикан ги претстави солисти од Турската државна опера од Истанбул и додаде дека соработката ќе продолжи и во иднина. Најави дека македонските солисти ќе гостуваат кај нив. 

На паузата на претставата „Аида“ ќе приреди коктел за сите присутни, а авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“ по случаен избор ќе му додели два билета на најсреќниот посетител.