Со 3 милиони евра Општина Штип ќе го гради најголемиот еко-парк на Истокот
Со 3 милиони евра, средства од општинската каса, Штип ќе го гради најголемиот еко- парк на Истокот. „Паркот на иднината“ ќе се простира на површина од 70 000 метри квадратни, во месноста „Штипско езеро“ во близина на старите бунари од водоснабдителниот систем, кои сега се резерва откако градот со вода започна да се снабдува од Хидросистемот „Злетовица“. Според идејниот проект ќе има и мало езерце со површина од 6000 метри квадратни.
- Ќе го промени ликот на овој дел од градот. Знаете во минатото беше доста небезбеден, руиниран, неосветлен. Како потреба на граѓаните, решивме да инвестираме и да ги пренаменеиме парцелите наоколу, за да создадеме развој на нашиот град, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Паралелно со паркот се работи и на изградба на новиот булевар, кој е во непосредна близина и за кој веќе се одвоени буџетски средства.
- Веќе во наредниот месец голем дел да биде завршен, односно првата фаза од „Партизанска„ да биде асфалтирана. Веќе се започнати активности и на втората фаза, односно промена на главната водоводната мрежа од околу 600 метри. Очекувам на почетокот од наредната година булеварот комплетно да биде завршен, додаде Јорданов
Предвидени се и парцели за изградба на станбен и деловен простор. Една парцела општината веќе продаде и од неа инкасираше 1,5 милиони евра.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар