Бизнис
4. May 2021 - 16:37

Сметководителите обвинуваат дека не работи системот за исплата на плати, УЈП ги демантира

Функционира ли системот за плата на УЈП? Сметководителите велат – не. Од Управата велат - да. Од комората на сметководители алармираат дека веќе цела недела имаат проблем со електронскиот систем на УЈП. Платите се изработени и закачени на системот „цела плата“, но повратна декларација нема, што значи дека нема ни пари на сметките на работниците.

Од Управата за јавни приходи велат приемот и обработката на МПИН пресметките  функционира стандардно без застој.

„Заклучно со четврток Управата за јавни приходи достави налози за исплата на финансиската поддршка до Генералниот Секретаријат на Владата,  и тоа за февруари за 5305 работодавачи во кој се опфатени  29 831 работници,  а за март  достави налози за исплата на финансиска поддршка за 4 835 работодавачи во кои се опфатени 26 244 работници“.

Сметководителите велат дека проблем не се само платите опфатени со владините мерки, туку сите и во моментов немаат информација кога системот ќе профункционира.

Деновиве системот на УЈП треба да обработи плати за три месеци. По изгласувањето на петтиот пакет беше деблокирана финансиската поддршка за плата за февруари и март, а неделава почнува и редовната исплата на априлските плати.