Македонија
24. December 2019 - 16:37

Случајот ТНТ не заврши денеска - дали ќе продолжи во јануари или ќе се врати на почеток ќе се знае утре

Предметот ТНТ во судница се враќа идниот месец.. Судијата кој го води случајот рече дека не знае дали судењето ќе почне од почеток или ќе продолжи со испитување на обвинетите.. Причина за ова е истек на мандатот на една поротничка.. Сега, конечната одлука за текот на судењето ќе ја има Судскиот совет..

„Што ќе одлучат, не е мое да коментирам. Законски би требало да им престане мандатот. На овој начин во постапката нема да има процесни пропусти, би се завршила легално и би се дознала вистината“, изјави Јовица Страшевски, Адвокат.

Денешното судење за ТНТ се одложи и поради отсуство на обвинетиот Тони Трајковски кој предминатата ноќ беше претепан и се лекува во болница.. Обвинителот кој го застапува предметот побара на Трајковски и уште двајца обвинети да им се суди одделно но тоа не го дозволи судот..

„Сметам дека имаше простор да се раздвои постапката, имаше основи и услови да се финишира предметот којшто навистина е во завршна фаза. Меѓутоа ја почитуваме одлуката на судот и најверојатно ќе се започне постапка од почеток и ќе трае определен временски период“, изјави Бурим Рустеми, Обвинител.

Инаку Судскиот совет преку писмено соопштение информираше дека според законот за судови, поротник не може да биде постар од 60 години, а со таа возраст завршува и неговата функција.. Најави дека истекот на мандатот на поротничката во ТНТ, ќе го констатира на првата наредна седница..

Во меѓувреме со писмо испратено до Судскиот совет, првиот човек на кривичниот суд и поротничката, одбраната предупредува дека продолжување на мандатот на поротник кој наполнил 60 години е кривично дело..   

За уривањето на „Космос“, обвинети се Миле Јанакиески, Тони Трајковски и четворица членови на комисии од општина Гази Баба.. Во отсуство му се суди и на екс премиерот Груевски..