Македонија
24. February 2021 - 16:46

Случајот Јавна соба сеуште во истрага

Кривично да се гонат сите сторители на родово насилство и сексуално вознемирување, а со законот да се соочат и лицата кои злоупотребуваат лични податоци, посредуваат во вршење на проституција, ја загрозуваат безбедноста или шират ксенофобичен или расистички материјал преку компјутер бараат активистите од платформата родова еднаквост. Гневни поради случајот Јавна соба побараа навремено да се спроведуваат предистражните и истражните постапки, но да има и надзор на работата на обвинителите. Доколку надлежнтие не ги прифатат нивните барања во следните две недели, повторно ќе излезат на улица.

„Затоа, господин Љубомир Јовески – републички јавен обвинител и Ацо Колевски – претседател на Советот на обвинители, ве потсетуваме на обврската за навремено и ефикасно кривично гонење на сторителите согласно Кривичниот законик. Одговорот на институциите ги потврди нашите наводи дека обвинителството не доволно ги заштитува жртвите од родово засновано насилство. Постапките не се водат доволно стручно и професионално. Ниту една мерка за спречување и заштита од насилство нема да го има посакуваниот ефект ако насилниците не се гонат кривично и избегнуваат одговорност. На ваков начин се праќа порака дека насилството врз жените не е казниво, а насилниците се охрабруваат да продолжат со своето однесување“ , рече Јана Коцевска

Од обвинителството велат дека работат на расчистување на случајот за последната Јавна соба, пронајдени се снимки од детска порнографија кај осомничениот од Велес, а се уште се чекаат извештаите од постапките во Битола и Кавадарци. И за случајот од лани истрагата е во тек. 

Законските рокови за преземање истражни дејствија се уште не истекле. По комплетирање и анализа на доказите прибрани во предметот, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.

За минатогодишниот случај полицијата приведе две лица. По последната пријава пак, во полициска станица завршија 4 лица. Иако Јавна соба  беше затворена, на социјалата мрежа Телеграм се уште функционираат слични групи на неа.