Балкан
3. October 2020 - 14:51

Словенија обезбеди 2,5 милиони евра за развој на вакцини

Владата на Словенија обезбеди повеќе од 2,5 милиони евра за Инструментот за итна поддршка на Европската комисија за финансирање на развој на потенцијални вакцини Ковид-19, на кои работат неколку компании. Средствата ќе бидат вклучени во крајните цени на вакцините, пренесува агенцијата СТА.

Европската комисија најави заеднички пристап на ЕУ во преговорите со производителите на потенцијални вакцини против Ковид-19, во стратегијата донесена на 17 јуни.

Целта на оваа иницијатива е да обезбеди ефикасни, квалитетни и безбедни вакцини по најдобри цени и во најкраток можен рок, како и еднаква набавка на вакцини под еднакви услови за сите граѓани на ЕУ.

Словенечката Влада ја поддржа иницијативата во јули.