Македонија
9. November 2017 - 8:56

Словачкиот министер за надворешни и европски прашања Корчок во посета на Македонија

Државниот секретар и вршител на должноста министер за надворешни и европски работи на Република Словачка Иван Корчок денеска и утре ќе биде во работна посета на Република Македонија.

На средбата со македонскиот домаќин, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, како што соопшти МНР, се очекува да бидат разгледани севкупните билатерални односи, евро-атлантската интеграција на Република Македонија, внатрешно-политичката состојба во нашата земја и односите со соседите. Ќе бидат разменети и мислења за актуелните регионални и меѓународни прашања.

За време на посетата предвидено е официјално отпочнување на проектот „National Convent for European Union in the Republic of Macedonia“, кој ќе се реализира со финансиска поддршка од SlovаkAid и USAID. Реализацијата на овој проект претставува дополнителна потврда на поддршката на Словачка на македонскиот евро-интеграциски процес.

Гостинот од Словачка ќе се сретне и со заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, а ќе биде примен и од претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери и претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.