„Сликата е емоција, но и тајна“: „Табли“ - Во понеделник самостојна изложба на Орце Нинески
Во Културно Информативниот Центар – Скопје, во салонот Империјал 1, на денот на Ослободувањето на градот, 13-ти Ноември, предвидена е самостојна изложба на авторот Орце Нинески, која ќе трае до 20-ти ноември. Отварањето на изложбата е планирано за 20 часот, а на неа, преку 20-тина платна со различен формат, ќе бидат презентирани актуелните преокупации на авторот.
,,Орце Нинески се претставува со нов циклус слики насловени – едноставно ‚,Табли'’, изработени во последните неколку години.
Во сликите доминираат рамни форми и рамен простор, широки хроматски површини распоредени јасно и прегледно, со прецизен цртеж кој ги определува мирните и складни површини. Таквите рамни површини со ‚стерилизирана’ чистота се распоредени во статичен ритам, по хоризонтала или вертикално поставено платно, некаде ‚кубистички’ расчленети (сродни на некои платна на Хуан Грис) или илузионистички насликани минијатурни предметни мотиви.
Малите геометриски ликови, со ефект на предзнаковна декоративност им даваат извесна живост на мирните површини, упатувајќи на афинитетот на Нинески за сликарството на Паул Кле, но исто така и на апстрактниот пејзажизам на Марк Ротко. Изложените слики, изработени со акрилни бои, се компонирани од едноставни елементи и меки геометризирани форми, кои во основа се независни од појдовните објективни референци (или предметни идентификации) на ‚,затскриениот'’ иконопис на масата за конзервација.
Како настанува една слика? Тоа е емоција, но и тајна. Пикасо вели: Апстрактната уметност е самото сликање. И додава: Апстрактна уметност не постои. Човекот секогаш мора од нешто да почне. Потоа може да се тргне секоја сличност со стварноста; повеќе нема никаква опасност откако идејата на предметот оставила неизбришлива трага. Предметот е тој кој го возбудува уметникот, ги поттикнал неговите идеи и ги возбудил неговите чувства, вели Владимир Величковски, еден од врвните македонски ликовни критичари за творештвото на Нинески".
Нинески ќе посведочи дека почнува со спонтано нанесување на различни слоеви боја и постепено, со разни измени ја гради прегледната строга композиција. Цртежот, во сите фази, е основа на создавањето на сликата. Нинески бара ред и хармонија на јасни форми и топол хроматизам, креативно поврзување на модернизмот, кој е базиран на рамнината кој поттикна нова точка на гледање, од која и предметните слики се гледаат непредметно и на традицијата (инспиративниот апстрактно-симболичен идиом на средновековниот иконопис и фреско-живопис), дискретно и приемчиво, еден вид апстрактно-надреален ‚попартизам’“.
Орце Нинески во последните неколку години, паралелно со сликарството, активно се занимава со изработка на илустрации за сликовници за деца успешно соработувајќи со издавачот Арс Ламина – публикации, за едицијата Нови бајки од Македонија и Љубов на прв збор со публикациите „Сончевото момче Ил“, „Океанија“ и „Коњчето од рингишпилот“.
Инаку Орце Нинески е роден во 1978 година во Скопје. Има завршено историја на уметност со археологија на Филозофскиот факулет во Скопје. На истиот факултет има и магистрирано Историја на модерна уметност. До 2017 година работи во Музејот на Македонија како кустос по фрескоживопис, по што целосно се посветува на сликарство. Неговото обемно дело поделено во повеќе циклуси е присутно во голем број колекции кај нас и во странство.
Ново на Сител
-
Четири килограми марихуана и амфетамин пронајдени кај 27 годишник во Драчево | ВИДЕО
-
Подигнати 75 кубни метри отпад од диви депонии во скопските општини Чаир и Кисела Вода
-
Влада: Инвестициски бум, 6 нови странски инвестиции за 6 месеци и 2000 нови работни места
-
Борусија Дортмунд неколку месеци без Шуле
-
Наполи еден месец без Кварацхелија
-
Зеленски му рекол на Трамп во Париз дека бара безбедносни гаранции за да се стави крај на војната
-
Груби и Беџети на црната листа на САД, судството и политичарите бараат истрага и решавање на случајот
-
Трамп вели дека решавањето на украинската криза е негов главен приоритет