Македонија
8. October 2016 - 18:30

Следниот месец започнува изградбата на новиот ургентен центар во Куманово

Вака ќе изгледа новиот Ургентен центар во Куманово. Градежните работи планирано е да почнат во ноември, а треба да биде готов за 15 месеци. Новиот објект ќе се состои од приземје и спрат на  површина од 750 м2 и ќе се спои со кумановската болница.

-На приземјето е предвидено сместување на итна хируршка амбуланта, соба за дневна болница, две ортопедски амбуланти, гипс сала, анестезиолошка амбуланта и други придружни простории, додека на катот се проектирани две амбуланти за урологија, една просторија за уролошки интервенции, две хронично хируршки амбуланти, една просторија за интервенции и просторија за компјутерска томографија, како и други придружни простории. Тоа значи дека пациентите на исто место ќе можат да ги добијат сите здравствени услуги и целата потребна дијагностика и третман, изјави Никола Тодоров, вицепремиер и министер за здарвство.

Бенефит од изградбата на новиот ургентен центар ќе имаат околу 200.000 жители од овој регион на државата.

-Просториите се проектирани да опслужуваат што е можно повеќе пациенти, така што итната хируршка амбуланата ќе има дневен капацитетот на опслужување до 80 пациенти, додека ортопедските амбуланти и гипс салата ќе можат дневно да опслужуваат и до 50 пациенти, додаде Тодоров.

Новиот Ургентен центар во Куманово ќе чини околу 48 милиони денари.