Македонија
19. September 2019 - 16:32

Следната недела зелено светло од Бундестагот за датум за преговори, САД очекува ЕУ да го одржи зборот

САД очекува Македонија да ги отпочне пристапните преговори со Европската унија во октомври. Новоименуваниот специјален претставник на државниот секретар на САД за Западен Балкан во интервју за Гласот на Америка вели дека ваквиот став веќе им го пренеле на европските партнери.

Европската комисија предлагаше отпочнување на преговори за членство со Скопје во последниве девет или десет години по ред. На нашите европски партнери јасно им ја пренесовме нашата позиција. Сметаме дека отпочнувањето на преговорите ќе биде многу корисно, вели Палмер.

Сепак потенцира дека земјава има уште многу работа во спроведување на реформската агенда и носењето на Законот за јавно обвинителство.
 За ова прашање во Скопје се водат консултативни преговори. Ние би сакале да соработуваме со Владата на Северна Македонија во поддршка на реформската агенда. Би сакале да и помогнеме на земјата да напредува, посочува Палмер во интервјуто.

Германија која  беше пресудна за одложувањето на датумот за пристапни преговори во јуни, во пресрет на окотмвриските состанови на Европскиот совет најавува целосна поддршка за старт на преговорите со Макеоднија. Вицепремиерот Бујар Османи вели дека на денешната средба со германскиот министер за Европа добил цврсти уверувања дека Бундестагот за ова прашање ќе заседава следната недела.

Доаѓам на само една недела пред седницата на Бундестагот кога ќе се отвори точката за поддршка на европските интеграции на Република Северна Македонија, да ја пренесам благодарноста на Владата за вашите несебични напори да ѝ обезбедите на мојата земја зелено светло за старт на преговорите, истакна Османи на средбата, изразувајќи и лична благодарност до Рот, за неговиот пријателски однос и  личен придонес во успехот на европските интеграции на земјава.

Од Берлин, Османи патува и за Варшава во обид да ги убеди европските лидери да дадат позитивни оценки на состанокот на Европскиот совет закажан за 16 октомври.