Македонија
4. April 2016 - 16:07

Сламков избран за претседател на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 98. седница ги донесе одлуките за избор на член на Советот на јавни обвинители и за претседател на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

За член на Советот на јавни обвинители е избран Зоран Сулејманов, доктор по правни науки, чиј мандат ќе почне од 21 јуни годинава, а за претседател на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер е избран Ѓорѓи Сламков. 

Опозицијата реагираше на изборот на Сламков бидејќи, според нив, се работи за партиски кадар, кој се преместува од Антикорупциската комисија на ново место. Опозицијата обвини дека во времето кога бил претседател на Антикорупциската комисија, Сламков не презел ништо иако имало сомневања за случаи на корупција.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека Сламков е избран на регуларен начин и оти ги исполнува петте критериуми за избор на претседател на Комисијата. Истакнаа дека се работи за лице кое е доктор по правни науки, има осум години работно искуство, не е член на политичка партија и има положено психолошки тест и тест за интеграција. 

Во рамки на 98. седница беше донесена и одлуката за испраќање припадник на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција „Алтеа“ во Босна и Херцеговина, како и Одлуката за разрешување член на Советот за статистика и Одлуката за член на Комисијата за решавање жалби во областа на енергетиката. 

Расправата по останатите точки продолжува по редовната едночасовна пауза.