Македонија
6. јуни 2019 - 10:20

Скопје очекува датум за преговори, предупредува на последиците од одлагањето

Северна Македонија очекува на министерскиот совет на ЕУ во јуни да и биде доделен датумот за почеток на преговори, со или без Албанија, а секакво одлагање на оваа одлука би донело политичка нестабилност, порача премиерот Зоран Заев по дводневната посета на Брисел.

Заев заедно со владината делегација последниве два дена оствари средба со претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан и шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини.

На средбата со Јункер македонскиот премиер добил уверување од Европската Комисија дека шансите за датум за преговори се големи за јули месец, додека пак на јунскиот министерски состанок на ЕУ ќе се одржи само дебата по ова прашање, пред сѐ поради тоа што Германија најверојатно до тогаш нема да има време да ја одобри одлуката во својот парламент.

–Романското претседателство го стави ова прашање на агендата на Советот на општи работи во јуни за прва дебата, намерата на Европската Комисија е да стори сѐ за да има дефинитивна конечна одлука на лето, изјави Јункер во понеделникот.

Владини извори за МИА велат дека добиле охрабрувачки пораки од шефот на Европската Комисија за време на состанокот дека може да се очекува Северна Македонија да го добие датумот за старт на преговорите со ЕУ во текот на јули.

Македонската страна стравува дека поради послабото ниво на подготвеност на Албанија и резервите на земјите членки, Северна Македонија би можела да стане заложник на групниот пристап на Европската Комисија, и да не добие датум ова лето.

Меѓу опциите што се разгледуваат е и можно одлагање на одлуката за двете земји во октомври.

Премиерот Заев вчера ги предупреди земјите членки и институциите на ЕУ дека ваквото сценарио би значело политичка нестабилност во земјата, а не се исклучени ниту предвремени избори кои би ги засилите националистичките и популистичките снаги во Северна Македонија. Заев додаде дека Македонија направила сѐ што е побарано од неа, и дека неиспорачувањето од страна на Европската Унија во најбрз можен рок го става во опасност кредибилитет на Унијата на Балканот.

Според премиерот во овој момент најголем кочничар е германскиот парламент кој стравува од закани од албанската страна во случај да не се донесе одлуката во ЕУ за двете земји заедно.

За секоја одлука која се однесува на проширувањето на ЕУ, Бундестагот е обврзан да даде претходно зелено светло. Следниот рок за одобрување на одлуката од страна на Берлин е 28 јуни, по што министрите на ЕУ би можеле да го одредат конечниот датум во втората половина на јули, кога повторно ќе се состанат во Брисел.

Повторно одлагање, рече Заев, го зголемува ризикот за владата.

-Бундестагот мора да испрати порака, ако не донесат одлука оваа на седницата неделава, најверојатно имаат шанса за тоа на крајот на јуни, ако не го сторат тоа, тогаш останува за Советот на ЕУ во октомври, што значи дека Бундестагот би гласал во септември. И тогаш постои ризик да го изгубиме мнозинството во Собранието, затоа што навистина сѐ дадовме, рече премиерот Зоран Заев.

Сценаријата за претстојните министерски состаноци на ЕУ, рече Заев, се отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија во најдобар случај, неотворање на преговорите со ниту една од овие земји, што е најлоша варијанта, или отворање на преговорите со Македонија и одлагање на одлуката за Албанија за подоцна. Премиерот нагласи дека Холандија и Франција имаат поголеми резерви кон отворањето на преговорите со Албанија, но и дека Германците стравуваат од закани од албанска страна дека тоа би довело до нестабилност во регионот, посебно на Косово.

-Тие мислат дека ако отворат преговори со Северна Македонија, ќе се создаде проблем ако се остави Албанија и дека тоа би можело да има влијание врз Косово, тие стравуваат од закани од мојот пријател Еди Рама, за можни промени на границите или спојување со Косово, но јас не верувам во тие работи затоа што тоа ќе значи назадување од најмалку десет години за Албанија ако направат такво нешто, никој не сака такво нешто да прави, порача македонскиот премиер пред странските медиуми.