Македонија
25. January 2020 - 16:36

Скопјанка открила дека станот и е впишан под хипотека за кредит на непознато лице

Поседува стан скоро 25 години без да знае дека поради грешка на државен службеник, веќе осум години станот е под хипотека.

Јелза Накова и семејството во 1996 година купиле стан во скопско Тафталиџе. При вадење на имотен лист кон крајот на минатата година, забележала дека во 2012 година на нејзиниот стан од 84 квадратни метри била впишана хипотека за кредит кој ниту таа, ниту членови од семејството не го подигнале.

Откако не можела одговорите да ги добие преку институционален пат, решила сама да истражи како хипотеката се нашла на нејзиниот имотен лист.

Пронашла лице кое во 1995 година подигнало хипотекарен кредит на стан со слична адреса, а кредитот го исплатило уште пред 2000 година. Ниту лицето не знаело зошто во 2012 Катастар впишал хипотека за кредит кој е исплатен повеќе од 10 години и тоа на погрешна адреса.

За случајот да биде уште поапсурден, зградата во која живее Јелза е изградена година и половина откако бил подигнат хипотекарниот кредит.

-Единствена сличност се однесува на улицата, на бројот на влезот и бројот на стан. Се друго нема никаква основа и никаква врска. Иако тоа беше посочена од моја страна ми рекоа дека додека поднесителот на запишувањето на хипотеката, односно посочената банка не достави корекција, такво нешто тие не можат да избришат, вели Јелза.

Банката доставила корекција, но Катасар од Јелза побарал да уплати околу 1.700 денари за да се поправи грешката и да се избрише хипотеката. Според неа, нелогично е граѓаните да плаќаат за грешките на институциите и државните службеници.

-Сметам дека јас немам основа и немам потреба да платам ниту еден денар зашто во ниту еден случај не сум влијаела и не сум направила никаква грешка. И сметам дека сето тоа тие треба да го направат на свој трошок, односно да си ја исправат грешката која што е настаната по нивна вина, вели Јелза.

Јелза вели дека не сака, но доколку мора, правдата ќе ја бара по судски пат. Најави и дека случајот ќе го пријави и кај Народниот правобранител.