Македонија
13. јуни 2020 - 20:38

Скопјанец осомничен за недозволено поседување оружје и муниција

Основното јавно обвинителство Скопје денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и трговија до оружје или распрскувачки материи од член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Од Јавното обвинителство информираат дека осомничениот, вчера, на паркинг на улицата „Методија Андонов Ченто“ во Скопје, неовластено држел огнено оружје кое на граѓаните им е забрането – автоматска пушка со калибар 7,62Х39 мм и 60 куршуми муниција за ова оружје.

Додаваат дека освен ова, тој со себе носел и друго огнено оружје за кое не поседувал дозвола – пиштол марка Smith Wesson со калибар 9 мм и 15 куршуми за тој пиштол.

Оружјето и муницијата, како што наведуваат, биле пронајдени при личен преглед на  осомничениот и при претрес на неговиот автомобил, на десното совозачко седиште.

-Ценејќи дека постои опасност од бегство на осомничениот и можност тој да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи да изрече мерка притвор за осомниченото лице., информираат од Јавното обвинителство.