Македонија
13. January 2020 - 16:42

СКМ бара да биде консултирана при креирање на плановите за упис во средното училиште

Бизнис заедницата бара од Министерството за образование да ги консултира при изготвување на огласите за упис во средните училишта со цел системско решение за проблемот со недостиг од стручни кадри.
Од Стопанската комора на Македонија сметаат дека ресорното министерство има погрешна стратегија за упис на средношколци бидејќи не ги следи реалните потреби на пазарот на труд. Токму затоа бараат стопанствениците да бидат дел од комисијата што ги изготвува конкурсите за упис, а каде членуваат само претставници од Министерството за образование, Просветниот инспекторат и локалната самоуправа.

“Конкурсите за уписи во средните училишта секоја година се исти, постојано се повторуваат, се зголемуваат гимназиските паралелки на сметка на стручните, кои се јадрото за економски стабилно општество. Кога би имале лимитирана уписна политика за навистина потребните квалификации, бидејќи оттаму почнува целиот процес, сликата би била сосема поинаква”, вели Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија.

Статистиката покажува дека најпотребните кадри се всушност најмалубројни во средните училишта. Според податоците на комората од вкупно запишаните ученици  во стручните училишта, 24 % се во здравствената струка, 22% во економската, трговската и правната струка, додека само 4,5% проценти угостителство и туризам, 3% во земјоделство и ветеринарство, а само по 1% во секторите хемија, биологија, рударство и металургија, а уште помалку во секторот текстил и кожа.