Македонија
21. September 2019 - 16:28

Сител сторија - од инвалидска количка на нозе со нова хируршка интервенција

Со музика полесно поминува престојот во болница. Музичарот Неат Велиов кој има 4 децениска кариера со неговиот блех оркестар, се опоравува од хируршката интервенција со трубата покрај него. На ортопедија го донеле во инвалидска количка. Поради сериозни проблеми со колената последните 5 години не можел да се движи самостојно. Операцијата во понеделникот  била успешна за Неат.

-Пет години сум со количка. Сега можам да функционирам, ее гледате сега го мрдам коленото. Ќе се вратам на музиката, зашто изминатите години луѓето ме заборавија. Ме оперираше др. Камнар и сега сум супер, вели Неат Велиов музичар.

Неат Велиов е првиот пациент во земјата но и пошироко кај кого е направена операција и добил ново колено. Ортопедскиот хирург Виктор Камнар кој го оперирал Велиов, вели дека освен оваа интервенција нема друг спас за овие пациенти да не завршат како инвалиди.

- За прв пат во Македонија изведовме операција, тоа е реконструкција на коленов зглоб и тоа кај посебни состојби- пострауматски состојби, претходно вграднеи импланти и ова е напредна технологија и се прави кај многу тешки деформитети. Нема друг тип на лекување и овие лица завршуваат во инвалидски колички, вели др. Виктор Камнар ортопедски хирург

 Во операционата сала на Ортопедија присуствувал и австриски тим на лекари кои ги надгледувале интервенциите. Освен Велиов,  упсешен третман на коленото имала уште една пациентка. Порано, лицата со вакви деформитети оделе на лекување во странство.

-Пациентите се добри, рехабилитацијата кај нив е побрза од вообичаено. Се зголемува бројот на пациенти кои имаат потреба од вакви интервенции, вели Камнар.

Велиов наскоро ќе ја напушти Ортопедија и дома ќе си замине без инвалидска количка. Но работите  не застануваат. Доктор Камнар најави дека ќе продолжат со овие интервенции а не ја исклучува можноста освен на Клиника овие операции да ги прават заеднички со неговите колеги и во другите ортопедски центри во земјата.