Македонија
3. August 2021 - 19:58

Сител на терен во Старо Нагоричане - пожарот е активен, гаснат и хеликоптерите на АРМ

Ситуацијата во Старо Нагоричане е под контрола. Големиот пожар кој трет ден гори кај селото Кокино делумно е локализиран. Активни се три жаришта кај месноста Кокински дол, кои засега не претставуваат опасност да се претворат во поголема стихија.

Теренот кој гори е непристапен, а благодарејќи на армискиот хеликоптер, спречено е огнот да ја зафати зимзелената шума, што значително ќе го отежни гаснењето.

Во текот на ноќта и денеска, околината на Старо Нагоричане ја гаснеа пожарникарите засилени со припадници на армијата, полицијата, екипите на шумско стопанство, Дирекцијата за заштита и спасување, но и локалните жители.

Зафатена е борова, дабова и нискостеблеста шума, а штетата на површините е огромна.

На терен во текот на ноќта ќе останат дежурни екипи кои ќе внимаваат активните жаришта.   

Причините за пожарот засега не се познати, но главниот сомнеж е дека е предизвикан од човечки фактор.