Македонија
23. July 2021 - 16:47

Сите патници од автобусот кои се враќале од Грција биле млади и невакцинирани

Млади и невакцинирани летувале и се забавувале на првиот крак во Грција. Кога се вратиле во Македонија со организиран автобуски превоз сите 20 патници завршија во изолација. Четворица од нив се позитивни на Ковид-19 а останатите се контакти кои мора да поминат 14 дневен домашен карантин. Кластерот бил откриен по враќањето од летниот одмор и појавата на првиот случај кој во епидемиолошката анкета кажал каде и со кого бил.

- Изолацијата е направена согласно контактите кои ги дале. Тоа се млади луѓе кои биле на летување во Грција е сега забавите таму биле такви какви што биле, вели др. Марија Гочевска епидемиолог во Центар за јавно здравје Скопје.

Во карантин не одат возачот и водичите бидејќи тие биле вакцинирани против Ковид-19. Но како што велат епидемиолозите сепак треба да внимаваат и да ја следат здравствената состојба.

- Лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале 14 дена од втора доза по протокол не одат во изолација, вели др. Гочевска.

 Решенијата за изолација ги издава Државниот здравствен и санитарен инспекторат но по претходна насока од епидемиолозите.

- Тоа е проценка на епидемиолозите кого ќе оценат дали е во среден ризик и ние издаваме решение за изолација, вели др. Ирина Сотирова Бухова директор на ДСЗИ.

Летувалците од Грција го зголемија бројот на новодијагностицирани во земјата, но и потенцијалната опасност од невакцинирање. Епидемиолозите апелираат што повеќе граѓани да одат во пунктовите за имунизација.

- Многу опуштеност не треба бидејќи и вакцините не штитат 100 проценти но во овој момент се единствена научно докажано решение против оваа болест. Маски на затворено мора да се носат и почитување на протоколите, вели др. Гочевска.

Дали младите од автобусот го имаат делта сојот кој циркулира во Грција ќе покажат анализите во МАНУ.