Бизнис
15. May 2020 - 16:50

Системска грешка на УЈП ги остави работниците без плата

Државната помош за фирмите го забави исплаќањето на платата. Денеска кога законски истекува рокот за исплата на априлската плата, дел од сметководителите реагираат дека пресметките што ги пуштиле уште во понеделникот уште не им се вратени и платата не е исплатена. Вообичаено оваа процедура порано ја завршувале и за неколку минути. Од комората на сметководители велат дека се работи за неподготвеност на институциите за имплементација на мерката.

Од УЈП потврдуваат дека има застој во процесот на обработка заради обемната проверка која се врши на податоците дадени со барањата за државна поддршка. Велат дека во моментов има уште околу 5000 барања кои не се процесуирани и за таа цел регионалните канцеларии на УЈП ќе работат и во текот на викендот од 8 до 14 часот. 

За мерката на Владата „14.500 денари по вработен“ аплицирале 21.542 компании и 6000 самостојни вршители на дејност. Заклучно со вчера за оваа мерка државата исплати 14,3 милиони евра.