Свет
18. September 2016 - 17:47

Сирија и бегалската криза во фокусот на Генералното собрание на ОН

Светските лидери следната недела ќе учествуваат на овогодишното заседание на Генералното собрание на ОН, на кое главни теми, според најавите, ќе бидат конфликтот во Сирија и бегалската криза.

Обидите за спречување на прелевањето на војната од Сирија во другите земји во регионот на Блискиот Исток и проблемот со егзодусот на милионите сириски бегалци во соседните држави и во Европа, ќе бидат во фокусот на дводневниот Самит за мигрантите, што ќе започне утре во Њујрок во рамките на Генералното собрание на ОН.

На Самитот за мигрантите, со кој ќе претседава генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, според најавите, ќе учествуваат 135 шефови на држави или влади и над 50 министри од целиот свет. 

- Што поголем број земји треба да прифатат што поголем број лица, кои се протерани од своите домови. Што поголем број земји треба да ја препознаат ползата од миграциите. Но, сите и насекде треба да се спротивстават на омразата со која се соочуваат многу бегалци, мигранти и припадници на малцинските заедници, се наведува во пораката на Бан објавена во пресрет на Самитот.

Како што јави „Гласот на Америка“, домаќин на вториот ден на Самитот, во вторник, ќе биде американскиот претседател Барак Обама.

Американскиот помошник државен секретар Шиба Крокер изјави дека САД очекуваат од Самитот да произлезат „нови одржливи обврски кон хуманитарните потреби на ОН и изработка на проширена програма за прераспределба на бегалците или алтернативни законски начини за прием на бегалците“.

Сепак политичките аналитичари се скептични кон ваквите оптимистички очекувања од собирот, кои би требало да ја подобрат положбата на околу пет милиони Сиријци кои побегнаа од своите домови.

- Едниствен начин за решавање на сириската криза е политичкиот договор. Сигурен сум дека за тоа ќе се разговара на Генералното собрание, но (рускиот претседател) Владимир Путин не доаѓа во Њујорк, а без него не ќе биде можно да се водат сериозни разговори за Сирија, смета Ричард Гауан од Универзитетот „Колумбија“.

Пред една недела САД и Русија постигнаа договор за примирје во Сирија, кое стапи во сила во понеделникот. 

Гауан проценува дека текот на разговорите на Генералното собрание на ОН во голема мерка ќе зависи од успешноста на примирјето, кое е доведно во прашање по инцидентот при кој американски авиони нападнаа позиции на сириските владини сили.  

На маргините на Генералното собрание, за в среда е предвидена седница на Советот за безбедност на ОН на високо ниво на која ќе се расправа за состојбата во Сирија, но Гауан оценува дека од неа не треба да се има преголеми очекувања.

- Во пракса одлуките за Сирија се носат во Вашингтон, Москва и Техеран, а не во салата на Советот за безбедност, изјави Гауан за „Гласот на Америка“. 

До крајот на неделата заседанието на Генералното собрание на ОН ќе продолжи со обраќања на светските лидери, меѓу кои годинава покрај Путин, нема да бидат ни кинескиот претседател Си Џинпинг, ни германската канцеларка Ангела Меркел.

Ова ќе биде последно заседание на Генералното собрание на кое Обама ќе учествува во својство на претседател на САД, па се очекува неговиот говор да претставѕва осврт на мултилатералното наслдество на неговите два претседателски мандати.

Собирот ќе биде и последно заседание за Бан Ки-мин во својство на генерален секретар на ОН, бидејќи неговото десетгодишно раководење со Светската организација завршува на 31 декември оваа година.

Според најавите од Њујорк, во рамки на Генералното собрани ќе се одржат 545 состаноци, а Бан ќе учествува на 62 од нив.