Македонија
14. August 2020 - 16:39

Синоќа запалени две возила на ЕВН во Тетово

Изгореа две возила на ЕВН во Тетово. Според полицијата пожарот бил подметнат, а во притвор веќе завршил 43-годишен тетовчанец, осомничен дека со запалива течност ја предизвикал огнената стихија. Пожарот предизвикал материјална штета уште на еден, но приватен автомобил. Палењето на авотомобилите доаѓа како резултат на одлуката за поскапување на струјата.

„Полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода К.О.(43) од Тетово, поради сомнение дека во периодот од  00.40 до 01.10 часот на ул. „Иво Рибар Лола“ во Тетово со запалива течност предизвикал пожар во патничко возило „дачија дастер“, со скопски регистарски ознаки, и патничко возило „нисан“, со скопски регистарски ознаки, двете во сопственост на ЕВН, кои целосно изгореле. Исто така, од пожарот било зафатено и друго приватно возило со тетовски  регистарски ознаки“, велат од СВР Тетово.

Од ЕВН го осудија вандализмот и најавија поголема заштита за своите вработени и имот.

„Осудуваме секаков вид на насилсто и вандализам. И покрај тоа што сторителот е уапсен, ЕВН презема мерки за заштита на своите вработени и имот. Имаме разбирање за мирни протести, иако не знаеме зошто се насочени против нас,“ се наведува во соопштението на ЕВН.