Македонија
12. May 2021 - 17:00

Сијарто: Вашето место е во ЕУ, Унгарија ќе стори се тоа побрзо да се случи

 Унгарија е безусловен и посветен поддржувач на евроатлантските интеграции на Македонија. Дадовме безусловна поддршка и за вашето членство во НАТО, и сметаме дека вашето место е во Европската Унија, која не може да биде комплетна без државите од Западен Балкан, и тоа е од обостран интерес, како за ЕУ така и за вас, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, на заедничката прес-конференција со шефот на диломатијата Бујар Османи.

Сијарто рече дека во следниот период ќе направат се, со цел земјава што побрзо да стане членка на ЕУ.

-Се надевам дека сите земји-членки во предвид ќе го имаат интересот на ЕУ, а тој интерес е државите од Западен Балкан станат што побрзо членки на Унијата. Ако тоа зависи од нас тогаш вие ќе станете многу брзо членка на ЕУ, и еврокомесарот Вархеји и Владата на Унгарија сме посветени поддржувачи на вашите евроатлантска интеграција и се надеваме дека во иднина нема да има потреба за поставување на никакви методолошки прашања во овој процес, рече тој.

Сијарто, уште еднаш, го нагласи противењето на Унгарија за обременување на процесот на проширување на ЕУ со внесување на билатерални прашања како и дека ќе продолжат со својата конзистентна и гласна поддршка за наредниот чекор на Македонија кон ЕУ.

Сијарто денеска на Османи му предаде донација од шест илјади дози од вакцината АстраЗенека, што ќе биде наменета пред сѐ за припадниците на Граничната полиција во состав на Министерството за внатрешни работи на Македонија.

-Унгарската донација од е израз на благодарност на Унгарија за успешната соработка и улогата која нашата гранична полиција ја има во одржувањето на заедничката европска безбедносна политика. Овој пред сѐ хуман гест претставува и признавање за придонесот на нашата држава во справување со миграциските и безбедносните предизвици, кои сѐ уште се актуелни  и преставуваат отворено прашање за земјите членки и за цела Европа. Токму двете земји, преку својата соработка, даваат заеднички придонес кон стабилноста на целиот европски континент, истакна Османи.

Во однос на евро-интегративниот пат на Македонија, Османи и Сијарто разменија мислења за внатрешните политички процеси поврзани со реформската агенда, но и за состаноците во Брисел каде на различни нивоа во ЕУ беше разгледувано европското досие на нашата земја.

Министрите се согласија дека Македонија е кредибилен партнер на ЕУ и притоа многу често извршува улога и учествува како составен дел на системот и механизмите на Унијата. Во тој контекст, операционализација на веќе донесената одлука за почеток на преговорите, би требало да биде следниот логичен и симболичен чекор за валоризација на постигнувањата на државата.

Двајцата соговорници изразија задоволство од интензивирањето на билатералната соработка, беше постигната согласност за меѓусебно признавање на националните Ковид-19 сертификати со цел овозможување на непречено транзитирање и влез на вакцинираните граѓани на двете земји, како важна мерка за нормализација на состојбите во една нова пост-пандемиска фаза.

За време на посетата на Сијарто се потпиша и Договор за соработка во областа на културата заедно со министерката за култура, Ирена Стефоска.