Македонија
14. March 2016 - 16:06

Сијарто: Македонија заслужува секаков вид поддршка од ЕУ, бидејќи ја штити нашата јужна граница

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, денеска од Брисел порача дека Европската унија треба да обезбеди финансиска поддршка, но и било-каков друг вид на поддршка за Република Македонија, бидејќи според него - земјата ја штити јужната граница на ЕУ од бегалците и мигрантите, јави дописникот на МИА од Брисел. Во изјава за МИА, Сијарто посочи и дека Унијата, односно западните медиуми биле дволични кон Македонија кога објавувале дека македонската полиција ги тепа мигрантите, иако според унгарскиот шеф на дипломатијата ситуацијата била обратна и македонските безбедносни органи само ја штителе македонската територија.

- Како што знам, ние испративме најмногу полицајци досега за да и помогнат на Македонија кога станува збор за заштита на грчко-македонската граница. Нашата многу цврста позиција е дека Македонија има потреба и заслужува помош и асистенција од Европската унија, бидејќи всушност вие ја штитите јужната граница на Еворпската унија во моментов. Тоа е многу специјална ситуација со оглед на тоа што пристапните преговори се уште не се покренати со Македонија, но и покрај тоа ние очекуваме вие да ја штитите нашата јужна граница. Затоа, Унгарија смета дека вам ви е потребна релевантна и значајна помош и асистенција од Европската унија кога станува збор за финансиски прашања и помош во различни рамки, посочи Сијарто за МИА.

Според министерот за надворешни работи на Унгарија, токму поради сето ова неговата држава испратила материјали и полицајци и дека ќе продолжат тоа да го прават. Според Сијарто, Унгарија многу ги почитуваа македонските напори.

- Тука мислам дека Европската унија беше дволична. Пред се европската јавност и европските медиуми беа дволични кон вас кога вие ја штитевте својата граница и вашата полиција беше нападната од мигрантите. Тогаш, меѓународните медиуми објавуваа дека македонската полиција ги напаѓа „невините“ бегалци. Ние имавме слична ситуација на унгарската граница и ние сме свесни за фактот дека вашата полиција ја заштитуваше и бранеше вашата територија што е нивна обврска и одговорност на македонската полиција. Ние го отфрламе таквиот пристап и обидот да се претстави Макеоднија како ѓавол во овој поглед, дециден е Петер Сијарто.

Унгарскиот шеф на дипломатијата, на крајот потенцираше дека официјален Брисел треба и мора директно да го поддржи буџетот на македонската Влада, од кој се одлеваат огромни државни средства за справување со бегалската криза. За него е неспорно дека македонската држава заслужува помош од било-каков вид.

- Се на се, вие заслужувате финансиска поддршка, вие заслужувате секаков вид на поддршка и се што може Унгарија ќе направи во корист на Македонија во овој поглед, заклучи Петер Сијарто.

Пред овој став на унгарскито министер за надворешни работи, неговиот хрватски колега Миро Ковач, исто така за МИА, изјави дека „ да влезеше Република Македонија во НАТО, сега поинаку ќе го решававме проблемот со бегалците“, потенцирајќи дека мора барем да се отворат пристапните преговори на државата со Европската унија.