Македонија
12. February 2016 - 12:45

Си го убил дедото бидејќи сакал да го остави имотот на друга жена

 
СВР Битола поднесе кривична пријава против А.Ш. (21) и А.Н. (20) од село Пласница осомничени за убиство на 71-годишниот Риза А. исто така од Пласница, соопшти МВР. Двајцата, од кој едниот бил внук на жртвата, се сомничат дека го нападнале и убиле Риза А. на 11 октомври 2014 година меѓу 20.30 и 22.30 часот.
 
– А.Ш бил негов внук од син и живеел во истата куќа со Риза А., а и второпријавениот А.Н. честопати доаѓал во домот на жртвата. Според документираните сознанија од истрагата, мотивот за извршување на кривичното дело произлегол од разговорите што ги слушнал првопријавениот од жртвата кој во повеќе наврати изјавувал дека имал намера да се ожени со жена од Албанија, а целокупниот имот ќе го подарел на идната сопруга.  Така, на 11.10.2014 год. околу 20,30 часот пријавените се сретнале пред продавницата во село Пласница, каде првопријавениот му предложил на второпријавениот да му помогне да извршат убиство врз неговиот дедо Риза А. појаснувајќи му го мотивот за убиството, соопшти МВР.
 
Второпријавениот го прифатил предлогот и веднаш се упатиле кон куќата на жртвата. Од плевната во дворот на имотот А.Ш. зел копач, а А.Н  дрвена рачка од секира и потоа преку врата од терасата влегле во куќата. Маскирани во женски марами  за да не ги препознае, тие го сочекале Риза А. во претсобјето. Прво бил нападнат од внук му А.Н. со секира и додека се бранел, зад грб со копач го удрил второпријавениот А.Ш. Риза А. по неколку удари со алатите починал на местото на настанот. Пријавените потоа во собата на жртвата барале, но не нашле пари, па од терасната врата ја напуштиле куќата. Отишле кон Треска и предметите со кои го извршиле убиството ги фрлиле на место викано Шаварите.
 
– По низата мерки и активности во рамки на истрагата завчера пријавените се приведени во полициска станица Македонски Брод, при што во целост го признале и појасниле кривично дело. Од страна на судија на претходна постапка на двајцата им е одредена мерка притвор во траење од по 30 дена, информира МВР.