Свет
2. March 2017 - 13:03

Шведска ќе ја врати задолжителната воена служба

Шведска денеска соопшти дека од летово ја враќа задолжителната воена служба за да одговори на глобалните предизвици во безбедносната сфера, вклучувајќи ја и Русија, пренесоа француските медиуми.

Скандинавската држава, на чија територија веќе два века немало воен конфликт, задолжителната воена служба ја укина во 2010 година, откако ја оцени како неефикасен начин за задоволување на потребите на современите армии.

Шведската малцинска Влада денеска во Парламентот ќе го поднесе сооветниот предлог закон, што предвидува од ова лето да се врати задолжителната воена служба за секој шведски државјанин, роден по 1999 година. Важноста на оваа старо-нова обврска ќе биде 11 месеци.

Се очекува мерката да биде прифатена во Парламентот, бидејќи е предмет на спогодба меѓу левичарската Влада и десноцентристичката опозиција.

Околу 13.000 млади Швеѓани се очекува од 1 јули да бидат мобилизирани, но само 4.000 од нив ( со наполнети 18 години возраст), и од двата пола ќе бидат избрани за воена служба врз основа на критериумите за мотивација и умешност.

Од 1 јануари 2018 година повикувањето во воена служба ќе стане контиунирано, секоја година.

Шведска не е членка на НАТО, но учествува во програмата „Партнерство за мир“, во која е активна од 1994 година, со цел да ја развива воената соработка меѓу воениот пакт и земјите кои не се членки.

По однос на своите позиции за одбранбените прашања Шведка е многу блиска до соседна Финска, која има вкупно 1.340 километри долга граница со Русија.

Финска и Шведска, единствените неврзани земји од Скандинавскиот и Балтичкиот регион, ја засилија својата воена соработка со САД заради загриженоста во врска со зголемена воена активност на Русија во Северна Европа, забележаа француските медиуми.