Свет
15. January 2016 - 17:48

Швајцарија им зема пари на бегалците кои бараат азил

Додека Данска се соочува со критики заради контроверзниот план за одземање на вредните предмети од бегалците, Швајцарија веќе со години зема пари од барателите на азил, потврдија денеска швајцарските власти.

Швајцарија на барателите на азил во оваа земја може да им конфискува суми поголеми од 1.000 швајцарски франци, што е околу 996 евра, изјави портпаролката на швајцарските миграциски власти Селин Колпрат.

„Таа пракса е темелена на фактот дека Швајцарија сака луѓето кои пристигнуваат во оваа земја да придонесат што е можно повеќе во покривањето на трошоците за азилантскиот процес и социјалните трошоци“, напиша Колпрат во мејл објавен во француските медиуми.

Со својата изјава таа ја потврди информацијата што вчера беше објавена во програмата на државниот СРФ телевизиски канал, а според која, барателите на азил кои имаат повеќе од 1.000 швајцарски франци кога ќе дојдат во приемниот центар мораат овие пари да им ги предадат на властите, а за возврат ќе добијат признаница.

Колпрат објасни дека, во пракса, лицето мора да има најмалку 1.500 швајцарски франци во џеб за да му биде конфискувана било која сума пари.

Швајцарскиот закон, од нацрт законот за кој во моментов се расправа во данскиот Парламент, се разликува по тоа што не дозволува на барателите на азил да им се одземат материјалните добра, изјави таа.

Данскиот предлог закон на данските власти ќе им дозволи од барателите на азил да одземаат готовина поголема од 10.000 круни, што е околу 1.340 евра, како и индивидуални предмети повредни од оваа сума.

Колешката на Колпрат, Леа Верхајмер, во синоќешната програма на швајцарската телевизија изјави дека „доколку лицето самоволно ја напушти Швајцарија во рок од седум месеци може да ги поврати парите“.

Швајцарскиот закон, исто така, од бегалците на кои им е дозволено да живеат и работат во оваа земја, бара во државната каса да предадат повеќе од 10 отсто од својата заработка во текот на следните 10 години или вкупно 15.000 швајцарски франци, за да може да помогнат во покривањето на трошоците во азилантскиот процес.