Свет
5. јуни 2016 - 17:56

Швајцарците одбиваат гарантирани месечни примања за сите граѓани

Предлогот за воведување на безусловен основен приход во Швајцарија по се изгледа претрпе огромен пораз на денешниот референдум, пренесе ДПА.

Според проектираните резултати на институтот gfs.bern 78 проценти од гласачите се изјасниле против него, додека 22 проценти го поддржале.

На првиот ваков референдум во светот, Швајцарците требаше да се изјаснат за или против предлогот за воведувањето на безусловен основен приход од 2.500 швајцарски франци (2450 долари) месечно за возрасните, вклучувајќи странци, кои живеат непрекинато пет и повеќе години во земјата, како и 625 франци за децата под 18 години. Во исто време, со овој предлог требаше да се заштедат трошоците за надоместоци за невработеност, социјални плаќања и пензии.

Според поддржувачите на предлогот, со воведувањето на безусловен основен приход би се поддржало човековото достоинство и јавните услуги. Противниците, меѓу кои и владата, сметаат дека тоа ќе чини премногу скапо и ќе ја ослаби економијата.

За повеќето Швајцарци сепак, кои се плашат од обезвреднување на трудот, е целосно незамисливо да се добијат пари без нешто во замена. Во 2012 година тие одбија нивното платено отсуство да се зголеми од четири на шест недели, стравувајќи дека со тоа ќе се наштети на нивната конкурентност.

Избирачките места беа затворени денеска на пладне по локално време (10 часот по Гринич) и конечните резултати ќе бидат познати вечерва.

Што се однесува на другите прашања од денешниот референдум според проектираните резултати, емитувани на националната телевизија, 66 отсто ја поддржале реформата на правото на азил и 61 отсто се изјасниле за легализација на предимплантационата дијагностика.