Свет
8. December 2015 - 12:36

Шулц: На Европа и се заканува распаѓање, мора да ја зачуваме

Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц денеска изјави дека на ЕУ и се заканува распаѓање и дека сите оние кои ја поддржуваат Унијата мора да се борат за нејзин опстанок.

Коментирајќи го неодамнешното предупредување на шефот на луксембуршката дипломатија Жан Аселборн дека ЕУ може да се распадне, Шулц потврди дека ЕУ е во опасност бидејќи „постојат сили кои се обидуваат да ја урнат“.

- Никој не може да каже дали ЕУ ќе постои уште 10 години. Доколку сакаме да опстане мора силно да се бориме за тоа, истакна Шулц во интервју за германскиот весник „Велт“.

Тој не прецизирал што точно и се заканува на Унијата, но најмногу се осврнал на мигрантската криза, која оваа година го ставила на искушение европското единство и толеранција.

Мигрантската криза ја подели ЕУ, при што германската канцеларка Ангела Меркел се залага за прифаќање на поголем број Сиријци, а лидерите на поранешните комунистички земји во источна Европа се против планот на Унијата според кој мора да примат одреден број баратели на азил. Со одлуката на некои земји повторно да воведат контроли на границите во опасност е и Шенген зоната.