Македонија
26. February 2021 - 21:17

Што договорија историчарите од Македонија и Бугарија?

Напредокот во работата на мешовитата историска комисија се бележи во милиметри. И по најновата средба на македонските и бугарските историчари, останаа големите разлики меѓу двата тима. По два дена работа, од агендата која содржеше повеќе прашања, согласност се постигна само на техничко ниво.

Потпишан е записникот од 10-та средба одржана во октомври, а договор нема на останатите теми.

“Во однос на дискусијата за учебниците по историја, како и на претходната средба, не беше постигнат напредок. И покрај конструктивната дискусија и желбата да се постигне напредок, не беше постигната согласност во однос на прашањата поврзани со средновековието. Остануваат големите разлики во пристапите и разбирањето на улогата на историското образование и образовните политики. Со оглед на продолжената на дискусијата за учебниците по историја, на оваа средба, Комисијата не го отвори прашањето за Гоце Делчев и негово евентуално заедничко чествување, иако беше на дневен ред”, информираа од македонскиот дел од Комисијата.

Оценка три од 1 до 10. Вака се изјаснува членот на бугарскиот тим историчари Кајчев за успешноста на средбата. Вели, најголемиот дел од дводневната дискусија бил посветен на препораките за учебниците за средновековниот период, односно за тоа како цар Самоил ќе биде претставен во македонското основно образование.

Сметаат дека македонската страна не се придржува од договореното од пред две години.

Според бугарскиот професор, проблемот со записниците и употребата на придавката македонски е решен со, како што вели, формите кои произлегуваат од новото уставно име на државава, но и со помош на взаемно прифатлива формула која ќе се користи интерно во Комисијата.     

Во текот на март ќе има нова техничка средба на која ќе се разговара за усвојување на записникот од 11-та средба и Годишниот извештај, додека наредната средба во полн формат е предвидена во април.