Македонија
7. September 2017 - 15:57

Штипската изборна комисија ги формираше избирачките одбори

Општинската изборна комсија (ОИК)-Штип ги формираше новите 80 избирачки одбори, кои ќе бидат одговорни за спроведувањето на Локалните избори на 15 октомври.

Претседателката на ОИК –Штип, Сенка Андреева вели дека списокот на членовите и нивните заменици веќе е истакнат на влезот на зградата на Општина Штип. 

Таа потенцира дека членовите и нивните заменици се избрани од Државната изборна комисија и само во одредени случаи можат да бидат изменети, односно сменети од избирачките одбори.

- Иземањето кој можел, а кој не можел да присуствува на денот на изборите или имал проблеми или кој сакал, а кој не сакал да биде член на избирачкиот одбор тоа едноставно така не може, бидејќи Законот за избори предвидува и кривична постапка доколку саботираш или не ги почитуваш донесените одлуки на Државната изборна комсија, вели Андреева.

Таа истакна дека членовите и нивните заменици на избирачките одбори можат да бидат иземени од спроведувањето на изборите само во случај, доколку имаат тешка здравствена состојба, породилно, бремени жени и пензионери.

Андреева забележа дека до денеска до Општинската изборна комисија –Штип не е доставена ниту една листа за советници или за кандидати за градоначалници. Рокот за доставување е 14 септември до полноќ.