Македонија
17. јуни 2021 - 12:21

Штип доби Аква парк

После две години без базен, штипјани повторно ќе можат да уживаат во водните спортови, благодарение на  ново изградениот Аква парк. Ресортот се простира на површина од 22 000 м2 и покрај базените и тобоганите, на посетителите им нуди и низа други спортски и културни активности.

- Имаме терени за тенис, кошарка, одбојка. Едноставно овој ресорт планираме да го направиме да биде центар за културни збиднувања, не само за штипјани, туку и за граѓаните од околните градови. Имаме планирано евенти и програма која ќе ја споделиме наредниот период и планираме да ги опфатиме сите возрасти- изјави Александар Христов, менаџер

Целата инвестиција чини повеќе од 2 милиони евра, а градоначалникот на општината истакна дека претставува еклатантен пример за одлична соработка помеѓу локалната самоуправа и приватниот сектор.

- Ова e само еден пример дека, со општествена одговорност сите ние можеме да го направиме Штип да биде поубав и модерен град за живеење- изјави Сашко Николов, градоначалник на Штип

Главниот базен е со олимписки димензии со должина од 50 и широчина од 25 метри, а сезоната ќе трае се додека дозволуваат временските прилики.