Свет
13. February 2017 - 16:18

Штабот на Макрон убеден дека има руско мешање во изборите во Франција

Најмалку тројца блиски соработници на кандидатот на француски претседател Емануел Макрон, денеска ги обвинија руските медиуми дека се обидуваат да влијаат врз изборите во Франција, јавува дописникот на МИА од Париз.

- Американците забележаа, но премногу доцна, изјави еден од соработниците на Maкрон, изразувајќи стравувања од мешањето на Русија во француската претседателска кампања.

Во услови на зголемени дипломатски тензии меѓу Вашингтон и Москва, поттикнати од конфликтите во Сирија и Украина, Белата куќа во ноември ја обвини Русија дека стои зад компјутерското хакирањема штабот на Демократската партија и нејзиниот претседателски кандидат Хилари Клинтон, која на изборите беше поразен од страна на републиканецот Доналд Трамп. 

- Денес треба да ги погледнеме фактите, изјави генералниот секретар на партијата на Макрон, Во движење, Ришар Феран за телевизијата Франс 2. -  Два големи медиуми, Русија денес и Спутник, кои се сопственост на руската држава, секојдневно емитуваат и шират лажни вести. Потоа, овие вести постојано се цитирани и имаат последици врз нашиот демократски живот, оцени овај француски пратеник.

Како пример тој ја наведе „гласината“ дека Макрон за време на посетата на Либан спиел на сметка „на даночните обврзници“ во Амбасадата на Франција. - Ова очигледно не е точно, но штетата е направена и гласината се прошири, рече Феран.

Тој исто така спомена „стотици, ако не и илјадници“ напади врз компјутерскиот систем, врз база на податоци и на веб страницата на штабот на Макрон. - И случајно сите тие доаѓаат од Русија, рече Феран.

- Она што софициајлно го бараме е највисокото раководство на државата да се позанимава со оваа појава, за да се обезбеди дека нема да има влијание на странски сили врз нашиот демократски живот, додаде Ферон.

Иако Феран одби да ја обвини Русија дека работи на тоа Макрон да не победи на изборите, портпаролот на Во движење, Бенжамин Гриво изнесе такво обвинение нешто подоцна за јавниот сервис Телвизијата Сенат.

- Овие два медиуми од пред неколку недели ги клеветат кандидатите, како Емануел Maкрон, за да ја спасат Марин Ле Пен. Русија имаше улога во претседателската кампања во САД со Доналд Трамп и со Брегзит кампањата што се одржа во Велика Британија. Сега се меша во француската претседателска кампања и тоа не е нормално, изјави Гриво.

Тој ги обвини Русија денес и Спутник дека додаваат „масло на огнот“на урбаното насилство, емитувајќи снимки од претходно протести, претставувајќи ги како сегашни немири од предградијата.

И соработникот на Макрон, Силван Мајар, ги обвини овие два руски медиуми дека „преку различни социјални мрежи продолжуваат да ја потхрануваат идејата за граѓанска војна во Франција“.

- Сакам да ги осудам, бидејќи тие само ги зголемуваат проблемите, нагласи Мајар за РФИ.

Во Франција ризикот од кибер напади кои би можеле да го нарушат изборниот процес е оценет како голем, поради што политичките партии првпат на иницијатива на Генералниот секретаријат за одбрана и национална безбедност, одржаа средба во Парламентот кон крајот на октомври, за да разговараат за оваа тема.