Свет
13. November 2019 - 8:43

Шпанските социјалисти и конзервативци не сакаат во коалициска влада

Шпанската Социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) на премиерот Педро Санчез на парламентарните избори во неделата освои 120 пратенички места, а Народната партија (ПП) само 88 во 350-члениот парламент. За формирање влада се потребни 176 пратенички мандати.

ПСОЕ заедно со помалите левичарски партии не може да дојде до оваа потребна бројка, а ниту Народната партија во рамките на десниот блок, па затоа се нагаѓаше за можна коалиција на двете најголеми партии, како форма за излегување на земјата од длабоката повеќемесечна политичка блокада и криза.

– Ситуацијата е комплексна, динамична, ништо не е статично. Но, ние нема да се обидуваме да составиме голема коалиција со десницата, изјави на прес-конфренција Хосе Луси Абалос, секретарот на ПСОЕ, по партискиот состанок. Тој додаде дека и дека во најкус можен рок ќе инсистира да се формира влада со прогресивен карактер.

ПСОЕ ќе почне разговори со помалите партиии од левицата, центарот и региналните партии.

Доколку ја добие поддршката од левиот Унидас подемос, од него отцепената партија Мас паис, центристичките Граѓани, конзервативната Баскиска националистичка партија (ПНВ) и Регионалната партија на Кантабрија (ПРЦ), Санчез ќе ги има токму потребните 176 пратенички места за формирање влада.

Неизвесни преговори

Но, овие преговори ќе бидат неизвесни, а во нив ќе треба да се помират различни барања и меѓусебни недоразбирања. Тоа веројатно нема да му донесе стабилна влада, но ПСОЕ ја отфрла можноста од нови парламентарни избори.

Шпаниците во неделата по четврти пат излегоа на парламентарни избори во последните четири години.

Секретарот на Народната партија, Теодоро Гарсија Егеа, исто така, вчера ја отфрли можноста за коалицирање со ПСОЕ, иако таа коалиција би понудила поголема стабилност бидејќи би имала 208 пратеници во парламентот.

– Не сме компатибилни со програмата на ПСОЕ, ниту ѝ веруваме на оваа партија, рече Егеа за радиото Онда Церо. Тој порача дека при гласањето за владата народната партија нема да се воздржи од гласање за ПСОЕ да добие малцинска влада.

Имено, во првиот круг од гласањето за влада потребно е да се обезбедат 176 пратенички гласа, но доколку дојде до втор круг гласање ПСОЕ ќе добие повеќе гласови „да“ во однос на „не“ без разлика колку пратеници гласале. ПСОЕ на чело со Санчез на тој начин ќе може да има малцинска влада со 120 пратеници, што е само третина од вкупниот број места во парламентот.

– Не ни е прифатливо Шпанија да има претседател на владата на кого нема да му веруваат ниту неговите партнери, истакна Егеа.

Нарушен бипартизам

Шпанците излегоа на вонредни избори бидејќи ПСОЕ по победата на редовните избори во април, кога освои 123 места, но не успеа да состави коалиција со сродната Унидас подемос, со која се искара околу министерските места во идната влада. Потоа не доби ниту доволно поддршка во парламентот за составување своја малцинска влада.

ПСОЕ и Народната партија се традиционални соперници и наизменично се менуваат на власт цели 40 години. Но, во 2015 година заради високата невработеност, корупција и незадоволство од овие две партии на политичката сцена се појавија само три помали партии, нарушувајќи го традиционалниот бипартизам.

Шпанија, од воведувањето на демократијата пред четири децении, досега немала коалициска влада на национално ниво. Инвеститорите на Мадридската берза вчера не реагираа на резултатот од изборите и новата политичка блокада. Индексот Ибех-35 денот го заврши со едвај почуствуван пад од 0,06 отсто, што одговараше на ситуацијата со споредбениот европски индекс ФТСЕ Еурофирст 300 што загуби на својата вредност 0,05 отсто.