Македонија
13. March 2020 - 17:05

Шпанија на 17 март ќе го ратификува протоколот за НАТО- Пендаровски оптимист и за датум за преговори на 26 март

Пендаровски уверува дека состојбата со корона вирусот нема да го одложи приемот на Македонија во НАТО. Сепак државната делегација го откажа патувањето во Вашингтон каде на 23-ти месецов требаше да го предаде пристапниот протокол кој македонското собрание го ратификуваше пред распуштањето на пратеничкиот состав. Позитивни вести според Пендаровски доаѓаат од шпанското собрание кое во вторник ќе одржи итна седница преку видео линк со единствена точка на дневен ред – ратификација на договорот за пристапување на Македонија во Алијансата.

Шефот на државата ги сподели и очекувањата дека македонија ќе добие датум за старт на преговорите со Европската унија на претстојниот самит на европските лидери на 26 март. 

-На 18-ти овој месец ќе биде состанокот на ниво на амбасадори на земји членки во ЕУ и на 26-ти процесот треба да финишира на највисоко политичко ниво со учество на шефовите на држави и влади на членките на ЕУ. Нашите информации, моите информации добиени по официјални канали, покажуваат дека двете држави Северна Македонија и Албанија ќе добијат зелено светло на 26-ти, но повторно оставаме тоа да го образложат во детали дел од нашите пријатели и партнери од ЕУ кои од понеделник натаму ќе доаѓаат во Скопје, истакна Пендаровски.

Пендаровски сепак вели дека во следниот период ќе се следи работата на евроспките институции и начинот на кој ќе се одржуваат овие состаноци, со оглед дека Белгија во моментов спаѓа во средно ризични земји во кои се шири корна вирусот.