Македонија
23. March 2023 - 16:33

Шест годишно девојче почина додека примало инфузија во битолската болница

Шестгодишно девојче починало вчера во битолската Клиничка болница. 

Директорот на установата го потврди случајот и информираше дека детето околу 10 часот наутро било донесено на одделот за педијатрија дехидрирано со симптоми на настинка, температура и повраќање. 

Додека се чекале резултатите од крвната анализа на девојчето му била приклучена инфузија за да го рехидрираат и да го подготват за транспорт на скопските клиники, но состојбата драстично се влошила. Лекарите го реанимирале, но не успеале да го вратат во живот шестгодишното девојче од битолско Кравари кое починало неколку минути пред 15 часот.

„Кај нас не му е даден никаков лек на детето, тоа го проверивме, туку само инфузија. Како болница побаравме обдукција која е во тек, а резултатите од неа ќе бидат дадени на Обвинителството, по што ќе се знаат причините поради кои настапила смртта. Исто така за случајот ја информиравме и полицијата“, изјави д-р  Александар Обедниковски, директор на Клиничката болница Битола.

Според информациите, девојчето три дена претходно било во влошена здравствена состојба и лекувано дома. Истрагата треба да покаже дали и каква терапија примало. 

Од ДСЗИ велат дека досега кај нив никој не поднел претставка ниту пак министерот за здравство побарал  да извршат вонреден инспекциски надзор во битолската болница и да испитаат каде се и како било лекувано детето.