Македонија
4. May 2020 - 14:27

Шеќеринска: Избори и фунцкионален парламент пред вториот пик, Мицкоски: СДСМ сака итни избори за помал пораз

Стравот од можен втор пик на корона вирусот според власта е главната причина поради која е потребно изборите да се одржат во најкраток можен рок по завршувањето на кризата. 
Заменичката на Заев вели дека Македонија не е подготвена да ризикува да остане без функционален систем во пресрет на новиот бран на вирусот кој можеби ќе дојде на есен
 
Според Шеќеринска опозицијата се плаши од избори бидејќи не направила ништо за да помогне во справувањето со корона кризата.
Според Мицкоски, главна причина за СДСМ да ги однесе граѓаните од карантин пред гласачките кутии е како што вели, обидот да доживеат што е можно помал пораз на изборите. 
 
Мицкоски вели дека во СДСМ се свесни дека ги чека пораз на изборите, па затоа и се подготвени да ги стават во ризик граѓаните само за да добијат некој пратеник повеќе.
 
Сепак и во двете партии се согласни дека датумот за новото изборно соочување ќе биде договорен на лидерската средба која што Претседателот Пендаровски ја најави за периодот меѓу 10 и 12 мај. Во власта веќе не кријат дека сакаат да излезат на избори колку што е можно побрзо па веќе се лицитира и со датуми на крајот на јуни и почетокот на јули. Функционери на ВМРО-ДПМНЕ за Сител неофицијално потврдуваат дека за партијата најдобар период за изборно соочување би бил кон крајот на летото, односно на почетокот на септември. 
Во ДУИ се со поделени ставови. Дел од партиските функционери сметаат дека септември е добар термин иако не кријат дека нивни сопартијци би се согласиле и со ставовите на СДСМ и би дале зелено светло за избори пред стартот на годишните одмори.