Македонија
28. March 2020 - 10:10

Шекеринска: Зачленувањето во НАТО е наш подарок кон граѓаните, кон татковината

- Вработените во одбраната и Армијата на Република Македонија се дел од генерацијата која го удри печатот на НАТО.  Од денес сме сојузници со армиите на САД, Велика Британија, Франција, Германија и Италија, сојузници со армиите на нашите поблиски и подалечни соседи, Грција, Албанија, Бугарија, Хрватска, Словенија и Црна Гора.

Ова денеска преку видео – порака до сите припадници на Армијата и на вработените во Министерството за одбрана, им го порача министерката за одбрана Радмила Шекеринска по повод депонирањето на Инструментот за пристапување во НАТО во Вашингтон, со што и официјално нашата земја станува 30. полноправна членка на Алијансата.

-Денес сме победници, од денес сме НАТО. Членка на најмоќниот сојуз, на најбројната Алијанса. Зачленувањето во НАТО е наш подарок кон граѓаните, кон татковината, истакна Шекеринска.

Обраќајќи им се на сите старешините и цивилите во Армијата, но особено на војниците кои деновиве се на терен извршувајќи задачи во поддршка на граѓаните и заштитата на нивното здравје им порача дека верува во нив и нивните капацитети и дека нема сомнеж дека сите предизвици, сите задачи ќе бидат совладани.