Свет
3. February 2020 - 13:52

Шефот на СЗО денеска при обраќање на Извршниот одбор се накашла, па потоа рече: „Не грижете се, не е корона“

Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Адханом Гебрејсус, денеска при обраќање на Извршниот одбор се накашла, го прекина својот говор да се напие вода, па потоа рече: „Не грижете се, не е корона“.

Досега од смртоносниот коронавирус во Кина умреа 361 лице, а повеќе од 17.000 се заразени во епидемијата што се прошири од градот Вухан во централна Кина. Гебрејсус рече дека 151 случај се пријавени во 23 други земји, од САД до Јапонија, пренесува „Ројтерс“.

Тој, исто така, рече дека нема потреба државите во обид за превенција од коронавирусот непотребно да влијаат врз меѓународното патување и трговија.

„Ги повикуваме сите земји да преземат конзистентни одлуки засновани врз докази“, рече Гебрејсус пред Извршниот одбор на СЗО.

Тој ја повтори својата претходна порака дека глобалната поврзаност е слабост пред налетот на епидемијата, но истовремено и најголема сила, пренесува „Ројтерс“.

Кина денеска осуди некои земји, вклучително и Соединетите држави, дека шират преголема паника и постапуваат спротивно од препораките на СЗО, да не се преземат непотребни или прекумерни мерки.